мај 16, 2021

Царовска: Сексуално образование ќе биде изборен предмет во 9. одделение

Според министерката за образование, за таа цел во моментов се држи интензивна обука во четири пилот училишта

Сексуалното образование не се воведува во второ одделение, тоа беше лажна вест, туку ќе биде изборен предмет во деветто одделение, најави министерката за образование и наука Мила Царовска во вечерашното интервју за Канал 5.

„Бидејќи е изборен предмет, наставниците кои се подготвени да ги предаваат овие теми ќе поминат соодветна обука. Во моментов се држи интензивна обука во четири пилот училишта каде што треба да се воведе од наредна година пилотирање на изборен предмет сексуално образование, во 9. одделение. Сите анкети покажуваат дека и родителите, и учениците, и наставниците имаат потреба од овие теми во образовниот систем во погорните одделенија. И така е поставен концептот“,

посочи Царовска.

Според неа, девијациите како „јавна соба“ се резултат на немање дискусија за овие теми во училиште. Царовска нагласи дека голем дел од учениците ниту дома не можат да дискутираат на такви теми, поради неукост на родителите или социјални стеги.

„Има млади луѓе коишто се жртви на сексуално насилство од свои врсници и тоа никој не го превенира. Затоа што не се зборува. На сторителот на насилство најмногу му одговара да не се дискутира на овие теми. Ништо да не се зборува. Кога немате знаење, немате како да кажете ’не’“,

рече Царовска, објаснувајќи дека токму во училиштето младите луѓе во пубертет треба да добијат вистински знаења за сексуално репродуктивно здравје, за род и еднаквост, за тело и слика за себе, за насилство, за врски и односи.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •