мај 15, 2021

Спасовски: Засилените контроли доведоа до намалување за 56% на бројот на жртви во сообраќајки

Минатата година евидентирано е историско намалување на бројот на жртви од сообраќајни незгоди во земјава. Во јануари оваа година забележано е дека има намалување за 56 проценти на бројот на жртви во однос на истиот месец во 2020 година.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција рече дека ваквиот резултат се должи на засилените контроли за подобрување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици.

– Граѓаните се подисциплинирани во однос на почитување на сообраќајните правила и прописи, што резултира со намалување на бројот на сообраќајни несреќи особено оние со потешки последици. Бележиме намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во 2020 година, а овие трендови се уште повидливи во јануари 2021 година. Во јануари 2021 имаме намалување на жртвите од сообраќајни незгоди за 56 отсто, споредено со јануари минатата година. Во јануари оваа година има четири жртви, а во јануари 2020 година имало девет жртви. Вкупниот број на сообраќајни незгоди, пак, во јануари е намален за 19 отсто. 2020 година е година со најмал број на жртви во историјата 125 и доколку се направи анализа евидентно е дека од 2017 година оваа бројка постојано се намалува, истакна Спасовски.

Министерот најави дека ќе продолжат со засилени контроли на автопатите, патишта, како и улиците во населените места, а информираше и за изработката на мапа на црни точки во државава, односно за местата каде во 2020 година најчесто се случувале сообраќајни незгоди со тешки последици.

– Апелирам да ја споделите оваа мапа со јавноста и да ги информираме граѓаните за да бидат внимателни на овие места, а полицијата ќе има континуирани засилени контроли на овие т.н. црни точки и на тој начин да придонесеме да се намали бројот на сообраќајни незгоди, порача Спасовски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •