мај 16, 2021

Протестна нота од Жан Митрев до МЗ: Филипче да ги каже сите бројки на починати и да ни се извини!

Од Клиниката „Жан Митрев“ велат дека селективното известување остава негативен впечаток кај сите читатели и ја искривува реалната слика, наведувајќи ги читателите на заклучок дека само во оваа институција умираат огромен број луѓе, без при тоа да бидат споменати бројките на останатите институции кои хоспитализираат болни од коронавирусот.

Клиниката „Жан Митрев“ денеска испрати протестна нота до Министерството за здравство и од таму очекува корекција и извинување откако тоа во вчерашната статистика соопшти дека внело 14 починати во оваа Клиника од месец јануари.

Клиниката изрази огромно незадоволство поради начинот на презентирање на бројките со што  Министерството го нарушува нејзиниот углед и побара јавно извинување.

„Надвор од секаков контекст во дневниот извештај беа цитирани статистики кои се однесуваат на вкупните месечни бројки на починати и тоа исклучиво од Клиничката болница ‘Жан Митрев’, без притоа да бидат споменати или наведени месечните бројки на останатите институции, како државни, така и приватни. Истото ова соопштение беше преземено и објавено во речиси сите медиуми.

Би сакале да истакнеме дека ваквиот начин на презентирање на статистики кои не споредуваат еднакви величини, сериозно ја доведува во прашање објективноста и непристрасноста на вашата институција, а при тоа нам како единствено цитирана болница ни нанесува огромна штета од аспект на реномето.

Во случајов, искористена е нашата транспарентност, деталното и ревносно известување до ИЈЗ за комплетно погрешни цели.

Ова, во најмала рака остава негативен впечаток кај сите читатели и ја искривува реалната слика, наведувајќи ги читателите на заклучок дека само во нашата институција умираат огромен број луѓе, без при тоа да бидат споменати бројките на останатите институции кои хоспитализираат болни од коронавирусот“, се наведува во реакцијата на Клиниката „Жан Митрев“.

Оттаму додваат дека бројките од анализата на смртни случаи покажуваат нешто сосема друго.

„За жал, реалноста е комплетно различна. Согласно податоците кои се јавно достапни во Институтот за јавно здравје резултатите се следни:

Од вкупниот број на сите починати во јануари кој изнесува 328, поточно во наведениот период од 4 до 31 јануари изнесува 286, во ‘Жан Митрев’ се 14. Пресметано во проценти тоа изнесува 4,9%. Ако земеме предвид дека од почетокот на пандемијата бројката на вкупно починати е 2893, процентот на вкупно починати во нашата институција е 5%.

Клиниката ‘Жан Митрев’ како институција од самиот почеток на пандемијата секојдневно се бори за животите на најтешките пациентите, па дури и оние од кои сите останати се откажале. Уште од самиот почеток на пандемијата ги ставивме на располагање нашите капацитети за интензивно лекување, а нашите методи на третирање на најтешките облици на болеста се публикувани, цитирани и признати во светски рамки. Потрагата по сензационални вести и бројки т.е. сензационалистичкиот начин на соопштување бројки надвор од контекст не е прв пат, но се надеваме дека е последен“, се наведува во протестната нота од Клиниката до Министерството за здравство потпишана од академик д-р Жан Митрев.

Оттаму очекуваат комуникацијата и соработката со Министерството и со Институтот за јавно здравје да продолжи со несмален интензитет, како и транспарентно да ги споредуваат бројките на сите институции и да ги испратат до медиумите со извинување за настанатата ситуација.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •