март 5, 2021

ЕУ дипломатите во Москва ќе ја примат руската вакцина

Вакцина

Европската Унија на своите дипломати во Москва ќе им дозволи да ја примат руската вакцина против коронавирусот Спутник V ако се решат за тоа, иако таа сè уште не е одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА), се наведува во интерен мејл во кој имала увид Радио слободна Европа.

Член на делегацијата на ЕУ во Москва вчера испратил мејл во кој го информирал персоналот дека руските власти одлучиле да ја прошират кампањата за вакцинирање против коронавирусот и на припадниците на дипломатскиот кор, во организација на градот Москва.

Се додава дека „во таа цел се собираат податоците на персоналот на дипломатската мисија или членовите на нивните семејства постари од 18 години кои се спремни да се вакцинираат“.

Вакцината Спутник V не се спомнува експлицитно во текстот, но во мејлот се наведува дека руските власти „не наведуваат која вакцина ќе биде користена“, но дека „повеќе информации за местото и начинот на вакцинацијата ќе бидат испратени подоцна кога ќе се види интересот на дипломатската заедница“.

Во мејлот, меѓутоа, се додава дека делегацијата во Москва од ЕУ „не добила никакво одлучувачко мислење за тоа дали треба да прими локална вакцина или вакцина која не ја одобрила ЕМА, ако е достапна“.

ЕМА досега за употреба одобри три вакцини, на компаниите Бајонтек/Фајзер, Модерна и Астра Зенека.

„Се предупредува дека ова (вакцинирањето) е лична одлука на секој поединец. Делегацијата не може да препорача вакцина која ЕМА не ја одобрила, туку одлуката за тоа му ја препушта на секој поединец или друга блиска возрасна личност, член на семејството во Москва“, се наведува во мејлот.

На прашањето на РСЕ дали Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) испратила насоки на своите делегации за вакцинација со локални вакцини кои ЕМА не ги одобрила, портпаролката на ЕЕАС Набила Масрали кажа дека таа служба „разговара со државите членки за различните можности за вакцинирање на дипломатите и персоналот на ЕУ кои се распоредени во странство, почитувајќи ја политиката на Унијата за времето и темпото на вакцинирање“.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •