мај 18, 2021

149 години од раѓањето на Делчев – Бугарскиот амбасадор се поклони пред гробот во Скопје (видео)

Чиј е Гоце Делчев, прашање кое не изостана на одбележувањето на 149-годишнината од неговото раѓање. Во време на зголемени тензии и македонско – бугарски преговори околу неговиот идентитет, порака пристигна и од МПЦ – Охридска архиепископија.

По одржаната панихида на гробот на револуционерот во црквата “Свети Спас”, архиепископот охридски и Македонски господин господин Стефан истакна – Делчев е најмногу македонски, а преговорите околу неговиот идентитет се недостоинствени и срамни.

Неколку часа подоцна, кон одбележувањето се приклучи и бугарска делегација предводена од амбасадорот Ангел Ангелов. Се поклонија на гробот и положија два венци. Еден од Амбасадата и еден од Министерството за одбрана и вицепремиерот Каракачанов.

Почит на Делчев му оддадоа владини, собраниски и партиски делегации, а преку социјалните мрежи тоа го сторија и Заев и Мицкоски. Нивните објави ги испровоцираа бугарските европратеници, по што следуваше фејсбук дебата за тоа чиј е Делчев.

Ангел Џамбаски му напиша на премиерот дека “македонската” револуционерна организација е бугарска, а самиот Гоце Делчев бил бугарин. На објавата на Заев коментираше и лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

“Бидејќи гледам дека премиерот Заев реши да не ги брани македонските интереси, јас ќе одговорам дека ВМРО е Македонија, а Гоце Делчев е Македонец” напиша Мицкоски.

Џамбаски не му остана должен ниту на Мицкоски, па го обвини дека ги пропуштил часовите по историја или пак дека учел, како што пишува, нејзина титовистичка верзија.

Џамбаски и неговиот колега Ковачев слични пораки за бугарскиот карактер на ВМРО и Гоце Делчев упатија и на ФБ објавата на Мицкоски. 

Извор: ТВ Сител

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •