мај 16, 2021

Никола Димитров по целодневна жестока дебата ја преживеа третата своја интерпелација

Никола Димитров, вицепремиерот за евроинтеграции, ја преживеа и својата трета интерпелација поднесена против него од опозицијата во Собранието.  Со 55 гласа „против“ и 53 гласа „за“  истата не помина пред полноќ, откако речиси цел ден се водеше жестока дебата во Законодавниот дом.

Главната поента на Димитров во негова одбрана беше дека тој не ја лажел македонската јавност дека Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ, бидејќи Европскиот совет тоа го одлучил уште во март 2010, првично без услови.

Тој нагласи дека Договорот за добрососедство е високооценет од европските функционери.

Вицепремиерот ги нарече поднесувачите на интерпелација „лажни патриоти“ кои имагинарно ги прославуваат „дипломатските порази“ и дека немаат елементарно познавање на процесите, а при тоа подвлече дека извештаите за „заробена држава“ се претвориле во извештаи за „светол пример“

– Зошто сум обвинет? Затоа што не испорачав преговори по секоја цена. Мене ме обвинувате што Бугарија го прекрши членот 2 од договорот, каде што се обврза да ни помага во евроинтеграциите, рече претходно поранешниот министер за надворешни работи.

Најостар кон вицепремиерот беше лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој во Собранието го нарече Димитров американски шпион и дека бега од Собранието како ѓавол од темјан. На ова Димитров возврати дека Апасиев е политичар-инквизитор.

Односите со Бугарија и закочените евроинтеграции се причина беа уште едно барање за интерпелација на Димитров, овој пат како вицепремиер за европски прашања. Во изминатите три и пол години тој преживеа две интерпелации, но како министер за надворешни работи.

Опозицијата уште при крајот на минатата година му поднесе интерпелација забележувајќи му дека покажал непочитување кон Собранието и не реферирал за односите со Бугарија и дека ја довел во заблуда јавноста со тоа што тврдел дека Македонија има одлука за старт на преговорите со Европската унија. 

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •