март 3, 2021

И администрацијата од ГОБ „8 септември“ бара награда – директорот вели дека ќе ги награди, но не како лекарите и сестрите (видео)

Со овие извици и пароли се протестираше пред болницата 8 Септември во Скопје, еден од најголемите ковид центри во земјава. Администрацијата и техничкиот персонал го кренаа гласот во знак на револт дека не е наградена нивната работа исто како беше награден медицинскиот персонал.

Револтот ќе продолжи додека не се исполнат нивните барања и права, велат административните работници кои исто така рекоа дека се прават напори од управата но без резултгат.

Директорот на 8 Септември, Христијан Костов смета дека сите заслужуваат награда, но додава дека ангажманот на болничката администрација не може да се споредува со тој на медицинскиот персонал кој е во трка за спасување човечки животи.

„Како директор на оваа здравствена установа сметам дека барем половина од тоа што добија медицинските сестри, болничарите, лекарите и останатите, треба да добијат и вработените во администрацијата. Најголемиот дел од парите ги обезбедив преку донации, а за еден помал дел чекам одобрување од ФЗОМ и од Министерството за здравство. Не би било во ред да останат сосема без никаква награда“, истакна Христијан Костов.

Бидејќи лекарите и останатиот персонал од здравство добија награда од 28 илјади денари, Костов смета дека администрацијата треба да добие половина од оваа сума, односно 14 илјади денари.

Прашавме и во Министерство за здравство во врска со револтот на администрацијата на 8 Септември а од таму велат дека Министерството не ги направило листите и не донело одлука кому да се плати а кому не, туку оваа одлука ја донеле самите раководители на болниците, односно ковид-центрите.

Извор: Тв 21

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •