јуни 22, 2021

Димитров: За нашата Македонија многу Македонци оделе во затвор и јас сум спремен да ја платам таа цена за македонската кауза!

Во Собранието попладнево продолжи расправата за интерпелацијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Пратениците од власта и опозицијата се со спротивставени ставови за работата на Димитров. Според опозицијата, причина за интерпелацијата е манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, низата неуспеси на надворешната политика, брзоплетоста на потпишувањето на договорот со Бугарија кој прави големи проблеми на државата и за недобивањето датум за пристапни преговори со Европската унија. Му забележуваат и за нетранспарентност во неговиот однос кон Собранието како и дека власта преговара за идентитетот и јазикот.

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица се задржа на сработеното на Димитров, на неговата кариера, на почетоци во политиката и кога тој бил, како што рече, член на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу другото, потсети и на државната стипендија која ја доби ќерката на Димитров и праша дали таа се врати да работи во државната адмистрација за плата од 300 евра.

Во реплика Димитров рече „Нашата татковина, за нашата Македонија многу Македонци и Македонки оделе во затвор и јас сум спремен таа цена да ја платам за македонската кауза! Некои оделе во затвор, а некои ги пикале во затвор ама размислете тоа вас во која категорија ве става и какво место си резервирате во македонската историја“, нагласи Димитров.

Посочи дека за него ова е три и пол години учество во извршната власт, а во јуни точно четири или е втор мандат. – Освен оваа таканаречена во наводници афера за стипендијата на ќерка ми, и покрај исклучителната способност и имагинација на фабриката за афери, не сум чул. Дали ќе се запрашате можеби зошто? Во меѓувреме ќерка ми дипломираше, таа како и сите други граѓани на оваа држава си има права и обврски и како што може да има здравствена заштита, може да аплицира, изјави Димитров.

Потсети дека и Антикорупциската комисија заклучила дека причината зошто добила стипендија не била тоа што, како што рече, јас сум ѝ татко, туку тоа што се запишала во определената област на еден од најдобрите 100 универзитети.

-Таа си дипломираше, јас немам намера нешто тука да се активирам, бидејќи ако се активирам се разбира дека ќе биде непотизам. Таа ѝ е на располагање на државата, ќе видиме што ќе направи државата во тие определени рокови. Меѓутоа, толку многу помина и толку многу имаше напади заради мојата професија и заради македонските битки, рече Димитров.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •