февруари 27, 2021

Собранието ќе одржи продолженија на две седници, а ќе дебатираат и 5 собраниски комисии

Собранието на Република Македонија денеска ќе одржи продолженија на две седници, на 28-та и на 29-та седница.

На продолжението на 28-та седница преостанати се неколку предлог закони од областа на економијата – изменувања и дополнувања на Законот за даночна постапка, на Законот за регистрирање на готовински плаќања и на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри – сите во прво читање. На дневен ред на седницата е и Предлогот на закон за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби, кој се носи по скратена постапка.

По завршувањето на 28-та седница, Собранието треба да продолжи со работа по точките од 29-та седница, меѓу кои се и Предлог на закон за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование.

Пратениците треба да расправаат и за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за семејството, Законот за библиотеките и на Законoт за заштита на културното наследство, сите по скратена постапка.

Во прво читање треба да бидат разгледани и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, на Законот за метрологијата, на Законот за заштита и благосостојба на животните и на Законот за идентификација и регистрација на животните.

На дневен ред е и Информација за состојбата на тутунот од реколта 2020-2021 заклучно до 21 декември лани, поднесена од пратеници од опозицијата.

Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за надворешна политика, за финансирање и буџет, и за образование, наука и спорт, како и Законодавно-правната комисија.

Пред членовите на Комисијата за надворешна политика, осум новоименувани амбасадори ќе ги претстават своите платформи за дипломатските активности пред заминувањето во дипломатските мисии.

За нов вонреден и ополномоштен амбасадор во Грција е предложена Лидија Бошковска, а Васко Грков е номиниран за амбасадор во Србија. За Чешка е именуван Сашко Тодоровски, а за Jапонија – Горан Цеков. Амбасадор и наш постојан претставник при Советот на Европа во Стразбур ќе биде Светлана Гелева, Билјана Стефановска Сековска во Канбера, Комонвелт Австралија, во Кралството Холандија ќе не претставува амбасадорката Бети Јачева и во Естонија – Драган Јордановски.

На претходните продолженија на седницата пред Комисијата, своите приоритети како амбасадори ги претставија Шпреса Јусуфи, амбасадор во Косово, Марија Ефремова амбасадор при Светата Столица, амбасадорите на Република Македонија во Албанија, Данчо Марковски и во Казахстан Сали Лимани, Дане Талески новиот амбасадор кој ќе ја претставува земјата во Мисијата во НАТО во Брисел, како и амбасадорите во Данска, Фатон Бејта и во Катар – Шабан Јашари.

Законодавно-правната комисија ќе дебатира за два предлог – закона за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, и по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, двата по скратена постапка.

Измените на Законот за задолжница и на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари и дополнувањата на Законот за јавните набавки, пак, се на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет.

Комисијата за образование, наука и спорт треба да се изјасни по Предлог – законот за изменување на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари и по Предлог законот за дополнување на Законот за научно-истражувачката дејност, поднесен од пратеници.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •