март 5, 2021

Вакцинирањето во Израел дава надеж за крај на пандемијата

Програмата за вакцинација во Израел дава знаци дека е успешна во намалувањето на заразата и болестите кај луѓето над 60 години.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Падот се чини дека е најизразен кај постарите луѓе и во областите што најмногу напреднале во вакцинирањето, вели Би-би-си.

Ова укажува дека има влијание самата вакцина, а не само сегашните забрани во земјата.

Бројките на израелското Министерство за здравство покажуваат дека само 531 човек над 60-годишна возраст, од скоро 750.000 целосно вакцинирани, биле позитивни на коронавирусот (0,07%).

Освен тоа, многу помалку луѓе се разболеле – само 38 биле хоспитализирани со умерена, тешка или критична болест – што е мал процент.

Министерството ги анализирало медицинските досиеја на вкупно скоро еден милион луѓе – од кои 743.845 биле на возраст над 60 години – најмалку седум дена откако ја примиле втората доза на вакцината.

Кај вакцинираните над 60 години имало три смртни случаи – иако е можно тие да се заразиле порано, пред нивниот имунитет да добил време да зајакне.

Пред вакцината да успее да почне да дејствува, биле регистрирани повеќе од 7.000 инфекции, нешто помалку од 700 случаи на умерено до критично заболување и 307 смртни случаи.

Податоците сугерираат дека инфекциите и болестите постојано опаѓале почнувајќи од 14 дена по приемот на првата доза.

Стратегијата на одложена доза

Иако најголемиот пад е забележан кај луѓето седум дена по нивната втора доза на вакцината, ова не може да се користи како доказ за или против мудроста на стратегијата на Велика Британија за одложување на вторите дози.

Израел постојано им ги даваше на луѓето и првата и втората доза на растојание од не повеќе од три недели, но првата доза не се очекува да даде заштита најмалку две недели.

За првата доза е потребно подолго време за да се види каков било ефект бидејќи го јакне имунитетот за да почне да го препознава и да се бори против вирусот.

Израел му достави пет милиони дози од вакцината на население од околу девет милиони – а околу еден милион луѓе добија две дози.

Сè уште се водат дебати за прашањето дали вакцината целосно ги штити луѓето од заразување и пренесување на вирусот на други.

Така, засега, додека многу луѓе остануваат невакцинирани, и на оние што примиле вакцина им се вели да држат дистанца и да носат маски.

И забраните влијаат?

Со податоците на Министерството се опфатени само инфекциите и болестите кај вакцинираните лица – тие не содржат контролна група на невакцинирани лица како што би било во клиничко испитување.

Но тим истражувачи од Институтот за наука Вајзман, Универзитетот во Тел-Авив и Текнион – Израелскиот технолошки институт – се обиделе да утврдат дали забележаниот пад на случаите е само до вакцината, а не и до мерките и карантинот.

Тие ги анализирале националните податоци по возраст и по град.

Откриле поголеми падови на инфекциите и хоспитализациите и кај луѓето над 60 години, кои беа вакцинирани први, и во градовите што рано вакцинираа најголем дел од својата популација.

Овие релативни промени не биле забележани во претходните карантини.

Ова дава првични, но охрабрувачки знаци дека падот може да се поврзе со вакцината, а не само со воведените мерки, вели Би-би-си.

Одделно, втората по големина израелска фармацевтска компанија Макаби објави бројки што покажуваат дека 66 лица од група од 248.000 вакцинирани (0,03%) го фатиле вирусот на ковид-19, повеќе од една недела по приемот на втората доза на вакцината.

Од тие 66, сите имале лесни симптоми и никој не бил хоспитализиран.

За разлика од Министерството, Макаби ова го споредило со стапката на инфекција кај 900.000 невакцинирани лица со сличен демографски профил. Во оваа група во истиот временски период 8.250 се заразиле со ковид 19 – 11 пати повеќе.

Тие процениле дека ова значи дека вакцината е 92% ефикасна кога се користи кај широка популација – многу слично на 95% до кои дојде Фајзер во контролирано клиничко испитување.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •