мај 16, 2021

Силјановска: Интерпелација за Николовски и Маричиќ за „земјотресот“ кој ни го приредија

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова денеска во Собранието информираше за покренувањето интерпелација за двајца членови на Владата – за Љупчо Николовски како заменик претседател на Владата за борба против корупција за одржлив развој и човечки ресурси и за министерот за правда Бојан Маричиќ.

– Сведоци сме деновиве на засилена „сеизмичка активност“ во Македонија, секој ден има „земјотреси“ но соочени сме и со еден со сила на земјотрес, шок кој што дојде од Транспаренси Интернешанал бидејќи да се најдете на 111-то место на листата на корупција значи да бидете во слободен пад, значи да се одвоите, тектонски, од европското политичко, демократски и правно тло и да се преселите во Евроазија и Африка во друштво на Монголија, Панама, Сиера Леоне. Можеби е ова момент за катарза. Зошто го велам ова? Бидејќи сличен феномен може само во летературата да најдете кај Данте Алигери во Пеколот, вели Силјановска Давкова.

Според неа, ако сме на 111 место, формирањето на посебното министерство е институционален илузионизам.

– Кога е во прашање пак министерот за правда, во случајов низ призма на ова срамно место, министер за неправда, тогаш исто така се поставува прашањето, како е можно да не се предвиди овој настан бидејќи ништо не настанува од вчера за денес, може да се види во овие четири години како се продлабочувала корупцијата, посочува Силјановска Давкова.

Сведоци сме, додава, на постојано толерирање на концептот што се вика владеење на луѓе, личности наместо владеење на законите.

– Зошто? Затоа што имаме филозофија на несанкционирање. Тогаш, таквата филозофија стимулира корупција и криминал. Филозофија на непокренување или неодговарање на иницијативите на специјализираниот орган за борба со антикорупција, Државната комисија за антикорупција која што отворено кажува дека само една третина од нејзините иницијативи се процесуирани. Ние имаме држава која што се нарекува партиска во која што статусот се заслужува, не со знаење, не со интегритет, не со дигнитет, не на конкурс туку со партизација и политизација, вели Силјановска Давкова.

Таа посочува дека најмногу шокира изјавата на министерот кој треба да се справува со корупција.

– Замислете значи, перцепција била тоа небаре граѓаните перцепциите ги градат како социјална фантастика, а не грубата реалност која што секој ден ја доградува и зацврстува перцепцијата за едно од најкорумпираните општества. Без одговорност нема правна држава. Одговорноста може овие министри да ја сфатат како објективна, значи тоа се случило во време кога тие биле персонификација за правна држава, а не биле. Не говорам за субјективна одговорност, таа ќе се утврди на друг начин, но тоа може да биде почеток на системското решавање на корупцијата почнувајќи од правното образование па до санкционирањето. Затоа јас мислам дека би било најдобро наместо постапка за интерпелација, ние да доживееме оставки како еден чин на катарза од страна на двајцата министри, вели Силјановска Давкова.

На предлог на ВМРО-ДПМНЕ, во собраниска процедура веќе е и интерпелацијата за работата на вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •