мај 15, 2021

Лаги, поголеми лаги и статистика

Постојат три типа на лаги… лаги, поголеми лаги и статистика!

Дали пописот (како статистичка операција) е операција на живот и смрт? Не! Па зошто кај нас баш така изгледа? Одговорот е прост, вмешана е политиката. А, математиката и политиката не одат рака под рака.

Дали пописот сам по себе, навистина ќе придонесе за забрзан економски развој, односно креирање на вистински политики? Не! Статистиката е само алатка за да ги осознаеш работите, но доколку не те бива за анализа и за преземање вистински дејствија, потопот не ти бега. Треба да сакаш и знаеш да ги искористиш бројките. Или, ако нема волја за носење на развојни економски политики од страна на политичкиот естаблишмент, голите бројки секако ќе нè доведат повторно до погрешни заклучоци.

Ако случајно после еден фудбалски натпревар не ви е познат резултатот, а ја гледате само статистиката – број на шутеви, посед на топка, број на корнери… голема е веројатноста да го погрешите резултатот.

Ако четворица земаат заедно вкупно 100 илјади денари плата, тоа е просечно статистички 25 илјади по човек. Но, дали тоа можеме да го сметаме за апсолутно точно или ќе сакаме да ги имаме податоците за секој посебно? Оти само еден зема 90, а другиве тројца делат 10 илјади и умираат од глад. Или, утре може само на еден да му ја покачат платата, а просекот да им се дигне на сите. Но, во реалноста тоа ништо не значи за останатите тројца.

На крајот кога ќе се сублимираат бројките, што ќе ви значи статистиката дека во Македонија имаме 0.43 машини за перење по жител, или 2 телевизори во боја по семејство? А микробранови колку? Тоа се небитни работи во денешно време.

Еве, мене баш живо ме интересира, какви политики ќе преземе државата во струшките и реканските села, каде не е ни јавна тајна туку констатирана состојба од многу одамна, дека родителите не ги пуштаат своите ќерки да го завршат средното образование? И уште зошто државата не презеде никакви мерки ни до сега, а средното образование е задолжително?! М?

Уште поинтересно е да се знае што доколку утре пописот ни покаже дека во Македонија живеат 50% македонски Албанци. Дали тоа ќе значи дека Македонија ќе стане „Швајцарија на Балканите“, затоа што дури тогаш државата ќе знае какви економски политики треба да преземе? И уште, дали во таков случај ќе прекине класичната дискриминација што се врши врз етничките Македонци на сите нивоа во нашата ни матична држава? Или, што доколку се покаже дека не се ни 20%? Некој ќе го менува Уставот и ќе им го ускрати правото на нашите сограѓани Албанци да го користат нивниот мајчин јазик? Секако, ништо од ова нема да се случи. Не затоа што нема(ло) попис, туку причината почитувани е многу едноставна: Не ги бива!!!

Логички се поставува прашањето: Зошто се крева толку голема прашина околу ова прашање. Затоа што друго немаат да ни понудат. Нема вистински големи проекти кои би го подобриле животот на луѓето, па во недостаток на такви, ние сме жртви на “просјачки” политички битки. Битки за проценти. А тие и тоа како лажат. Што би сакале повеќе, 10% од 1 милион или 25% од 100 илјади?! М?

Не, не сакам да кажам дека не треба да се направи попис, ама тоа треба да биде тивко, без непотребно губење огромна енергија на едно така прилично небитно прашање. Статистичко, нели?! Еве утре и нека излезе дека во некое село, населението во однос на претходниот попис се намалило од 1000 на 500. Зарем овие 500 не заслужуваат пат, училиште, градинка, интернет, редовен градски превоз… И кој ги спречуваше властите досега да ги обезбедат овие основни инфраструктурни услови во 21 век. Пописот? Секако не.

Попис треба да има, но за волја на вистината, пописот 2021 има две отежителни околности. Првата е чисто политичка и таа можеше лесно да се отстрани. Партиите на власт можеа да ги отстранат сите сомнежи околу пописот како единствено статистичка операција, со прифаќање на предлогот на опозицијата за користење на машини за идентификација на отисок од прст. Предлогот не чини многу од финансиски аспект, а ќе доведеше до зголемување на довербата меѓу политичките опоненти, но и релаксација помеѓу граѓаните. Исто така реално ќе овозможеше попис поблиску до европските стандарди, односно попишување само на граѓани на кои Македонија им е вообичаено место на живеење. А, нашиот Закон за попис кажува дека ќе се попишуваат и жители и (не)жители. Така членот 6 од Законот определува дека:

„Со Пописот ќе бидат опфатени: 1. Лица

  • државјани на Република Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Македонија или во странство,
  • странски државјани кои се присутни во Република Македонија со одобрение за престој,
  • лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати  во Република Македонија;

2. Домаќинствата  на лицата од став 1 на овој  член;

3. Станови и други населени простории.“

Ова што е предвидено во членот 6 е во директна спротивност со општо прифатените меѓународни прописи.

Дури и при еден лаички преглед на одредбите од цитираните акти во образложението на Предлог-законот и во воведната фуснота под законот, се забележува дека истите не само што не се целосно имплементирани, туку и суштински отстапуваат од препораките и стручните стандарди на ЕУРОСТАТ и на Обединетите Нации, поточно од Меѓународните препораки за пописите на населението и домувањето околу 2020(CES – Conference of EuropeanStatisticians Recommendation for the 2020 Censuses of Population and Housing), кои се заеднички подготвени од страна на Економската комисија за Европа на ООН и Статистичката институција на ЕУ! На пример: нема никакви законски дефиниции за поимно определување на поимите употребени во законот; не се користи воедначена терминологија усогласена со меѓународните пописни стандарди; нема утврдено релевантна научна методологија која се применува во сите земји членки на ЕУ, како дел од нормативниот законски текст; не се наброени документите кои треба да се покажат при земањето лични податоци, како задолжителни јавни исправи; не е дадена формата и содржината на образецот на пописниот прашалник кој треба да се пополни; не се прави дистинкција помеѓу „вкупно население“ и „вкупно попишано население“, т.е. меѓу резиденти и нерезиденти итн. За ова повеќе во колумната на проф. Димитар Апасиев тука.

Втората отежителна околност е пандемијата. Имено, многу европски држави, повеќето и членки на ЕУ го одложија планираниот попис оваа година, токму заради заштита на здравјето на своите граѓани. Дури и Германија го направи тоа. Не гори под нозе, посебно не во Македонија која преку десет години чека на редовен попис. Пописот можеше да се одржи во летниот период, кога ќе можевме попишувачите да ги примиме на отворено во нашите дворови или тераси, каде со помала загриженост ќе испиевме и по едно кафе со нив. Факт е дека се уште се на сила мерките за заштита од зараза, заради кои и надвор се движиме со заштитни маски дури и кога околу нас нема никој во радиус од 100 метри. Администрацијата оди на работа со ротација, а бремените жени користат „пандемиско“ боледување. Многу бизниси се сè уште затворени или работат со скратено работно време. На крајот на краиштата не сме сите исти, некои од нас се повеќе уплашени од пандемијава, па нема да ги примат попишувачите во своите домови. Нема да се срушеше светов доколку пописот се одржеше летово, во една многу порелаксирана здравствена ситуација. Тоа би било држава која мисли на своите граѓани.

Како заклучок, само ќе споменам дека се работи за едно лошо законско решение, многу полошо од она за пропаднатиот попис во 2011 година, кое исто така содржеше небулози околу резидентноста. Сепак, мое мислење е дека Македонците не смеат да го бојкотираат и да си пукаат во нога, како што си пукаа со апстиненцијата на последните парламентарни избори. Да ги прифатиме правилата на игра и да си ги попишеме и ние оние кои ни недостигаат во Македонија, иселени ширум белиов свет за парче леб, посебно што членот 8 од Законот предвидува он-лајн попишување на иселените: Член 8

“(1) За лицата – државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од членот 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.

(2) За лицата-државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2021 година на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.

(3) Лицето од ставот (2) на овој член кое се самопопишува е должно претходно да се регистрира на апликацијата од ставот (2) на овој член и пополнетите обрасци по електронски пат преку апликацијата да ги достави до Државниот завод за статистика, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно со прописите од областа на заштита на личните податоци.”

Така што, драги Македонци ширум светов, попишете се. Потрошете половина час од Вашето слободно време и од удобноста на вашите домови направете нешто за Македонија. „Клинец со клинец“ се избива, нели?!

Доколку се случи бојкот на пописот, нема гаранција дека пописот ќе пропадне, како што неуспешниот референдум за промена на името не беше пречка оваа иста владеачка гарнитура да го протурка истото. Во случај на бојкот, сè се плашам дека ние ќе бидеме тие кои ќе продолжиме да ја јадеме само зелката, а тие ќе продолжат да ни кажуваат дека сите јадеме сарма.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •