март 6, 2021

Европјанка во Белград

Затворена сум со месеци, малкуте денови што ми останаа ги трошев чекајќи ја вакцината. Ни внук ми не можам да го бакнам преку маската. Чекав, чекав и чекав…

Се јави нашата пријателка Тања од Белград. Ми рече дека како „уметник“ чија драма се игра во Белград и автор на многу книги објавени во Србија, имам право на вакцина против коронавирусот. „Кога ќе дојдеш?“. Во животот не сум чула полуд предлог. Сепак, ѝ се заблагодарив на Тања како жената да е нормална.

Како може да ѝ падне на памет на Европејци да им нуди вакцина од Балканот? Во земјата која еден од нашите најпознати колумнисти ја нарекува „прилично добро организирана“ со акцент на наводниците? Еј, Тања? Хрватска е Европа, ние не сме „прилично добро организирани“, ни сме прилично, добро организирани. Ја сакам Тања иако, кутрата, е слепа покрај здравите очи.

Instagram

Кога… Нема вакцини за Европа. Нејзините водачи открија нешто неверојатно. Вакцината е стока што значи живот, ќе ја добие оној што ќе даде повеќе. На пример, Израел. На пример, Америка. И Унгарија. А Унгарија е во ЕУ?!

Сфатив. Ќе можам да бирам меѓу смрт од корона и доживотен затвор.  „Љубов“, му реков на сопругот, малку срамежливо и некако со непријатност, „а да ѝ се јавам на Тања…“

Отидовме на тестирање, добивме потврда дека не сме болни, влеговме во автомобилот и тргнавме во авантура. Влеговме во хотелот со маска на лицето, сите околу нас носеа маски. Ноќта беше ноќна мора. Дали навистина ќе ја примиме вакцината? Ѝ се јавив на една пријателка, родум од Риека, која со години живее во Белград. Ни објасни дека таа и сите околу неа ја примиле вакцината. Секој може да се вакцинира, луѓето ги известуваат преку мобилен телефон за датумот и местото на вакцинирање.

Следното утро, во придружба на госпоѓата која нѐ придружуваше на вакцинацијата, дознавме дека во Србија приоритет имаат постарите луѓе, лекарите, армијата, полицијата, новинарите и уметниците. Зошто уметниците? Затоа што уметноста е храна за душата или така нешто. До душа, ни кажа онака по пат дека веќе четиристотини илјади луѓе се вакцинирани, вакцината може да се избере. Кинеска, руска, „Фајзер“ и уште некоја, го заборавив името.

Instagram

Ние молчевме. Што е ова? Во Србија, шведска маса полна со вакцини?

Се одлучивме за „Синофарм“, кинеска вакцина. Светскиот генетичар Мирослав Родман неодамна изјави дека верува во „старите“ вакцини и дека тој би се одлучил за таа вакцина. Во телото ти ставаат мртов вирус. Шишенцето не треба да се чува во фрижидер на минус седумдесет или осумдесет.

Се вакциниравме на Саемот. Видовме стотици маскирани луѓе кои чекаа на ред. Добив впечаток дека сите мислат дека тоа е нормално. Го откривате рамото, ја примате иглата во телото, чекате петнаесет минути, за секој случај, за не дај Боже, и одите дома. Лекарите и лекарките љубезни, медицинските сестри трпеливи. Едвај почувствував болка од убодот. На враќање кон хотелот, направивме тест за коронавирус без кој влегувањето во Хрватска не би било едноставно. Резултатите ги добивме на мобилен во рок од два часа.

Малку е да кажам дека луди од среќа се прошетавме низ Кнез Михајлова. Што е ова? Кафулиња? Кафулиња! Отворени кафулиња?! Влеговме во едно. Пиевме кафе како луѓе после којзнае колку време. Какво чувство! Да се биде со луѓе. Во Србија веќе нема мртви затоа што кафето се пие таму каде што треба да се пие.

По Кнез Михајлова се движеа орди луѓе. Повеќето носеа маски. На една прекрасна фасада здогледавме хрватско име. Изложба на Влахо Буковац, „Сликарство на безвременска убавина“. Влеговме по третиот обид, поради короната бројот на посетители е ограничен. Влезот бесплатен, искуството уникатно. Изложбата веќе ја посетиле неколку илјади луѓе.

Среќа, среќа, среќа, среќа. И тогаш те обзема некоја тага. Ќе се вратиме во заклучениот град, во заклучената земја, меѓу луѓето кои очекуваат спас од своите политичари и Европа, а добија…

Овде, во Хрватска, за Србија се вели дека „седи на неколку столици“, „кохабитира“, зборувам за вакцината, со Кинезите, Русите и сите од кои можат да ја купат вакцината. За разлика од Хрватска која не „кохабитира“ со никого. Хрватска не седи на ниту еден стол, Хрватска си седи на задникот и вкочането ја чека милоста на своите господари. Овие денови е зачудувачки јасно, залудно.

За три недели ќе одиме по втората доза. Повторно ќе можеме слободно да пиеме кафе, меѓу странци или со пријатели. Да беше жив Влахо Буковац и тој ќе се вакцинираше во Белград.

Дали се лигавам? Баш ми е гајле. Ако ја доживеам втората вакцина, ќе ја тргнам маската, ќе го бакнам мојот внук и ќе му кажам, ова ти е белградскиот бакнеж од баба“,

Автор: Ведрана Рудан

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •