февруари 26, 2021

Мукаетов по третпат реизбран за претседател на Ракометната федерација

Бизнисменот Живко Мукаетов ќе остане на чело на Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) и во следните четири години.

Одлуката е донесена на редовното изборно собрание на РФМ попладнево во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, на кое Мукаетов, како единствен кандидат, ја доби поддршката од 51 од вкупно 54 делегати.

За првиот човек на фармацевтската компанија „Алкалоид“ ова ќе биде трет четиригодишен мандат во низа, откако Мукаетов застана на чело на РФМ во март 2013 година, на местото на Михајло Михајловски.

– Сакам да се заблагодарам за укажаната доверба и се надевам дека ќе продолжиме по истиот пат за уште подобра сегашност и иднина на македонскиот ракомет, изјави Мукаетов по реизборот на претседателското место во РФМ.

Специјални гости на денешното редовно Изборно собрание на РФМ беа капитенот на репрезентацијата Кирил Лазаров и поранешниот репрезентативец Ацо Јоноски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •