мај 16, 2021

Илјадници Полјаци протестираа против забраната за абортус (ФОТО+ВИДЕО)

Неколку илјади луѓе вчера повторно протестираа на улиците на Варшава против речиси целосната забрана за абортус откако стапи на сила пресудата на Уставниот суд со која се забранува прекин на брменоста во случај на аномалии на фетусот.

Слични собири биле организирани и во други полски градови трета вечер по ред по објавувањето на одлуката на Уставниот суд во службениот весник. По оваа пресуда, абортусот во Полска е забранет во сите случаи, освен во случај на силување или инцест или ако животот на мајката е загрозен.

„Мое тело, мој избор“, „Револуцијата има матка“, „Имате крв на рацете“, велеа, меѓу другото, транспарентите што ги носеа демонстрантите во Варшава, каде илјадници луѓе реагираа на повикот на Штрајкот на жените, главно движење што стои зад протестот.

Бројни демонстранти носеле маски со црвена молња, знак на полските борци за право на абортус, а некои зелена шамија околу вратот, симбол на борците за право на абортус во Аргентина.

Протестот во Варшава заврши без поголеми инциденти пред куќата на Јарослав Качински, претседателот на владејачката партија Право и правда. По „фестивалот на слободата“, кој се состоел од песни, танци и слогани, организаторите ги повикаа демонстрантите да се вратат дома.

Полска, претежно католичка земја, има еден од најстрогите закони во Европа кога станува збор за абортус. Денес во Полска се прават помалку од 2.000 легални абортуси, според официјалните податоци. Феминистичките организации проценуваат дека годишно се вршат околу 200.000 абортуси, нелегални или во странство.

Владата тврди дека новата забрана ќе стави крај на она што го нарече „еугениски абортуси“, а се однесува на прекин на бременоста во случај на фетус со Даунов синдром, но многу организации за човекови права веруваат дека оваа мерка ќе ги принуди жените да задржат неодржлива бременост. Судот ја донесе пресудата во октомври, но Владата не ја официјализираше веднаш поради масовните протести кои наскоро прифатија антивладини слогани.

Поранешниот конзервативен член на десницата Лудвик Дорн смета дека владата најверојатно одлучила да ја објави својата одлука сега, надевајќи се дека протестите ќе се „исцрпат“ пред повторно да се појави гневот кон владата заради нејзиното критикувано управување со кризата во пандемијата.

„Сега е најмалку лош момент“, напиша Дорн во весникот Газета Виборча. Според него, владата секако сметала на поделба меѓу критичарите на новите одлуки, од оние што бараат право на абортус до оние што го поддржуваат претходното статус кво.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •