март 7, 2021

Илјадници студенти протестираа во Грција и покрај забраната за собири (ВИДЕО)

Речиси 3.000 студенти, според проценката на полицијата, излегоа вчера на протести во Атина, и покрај забраната за собирање, поради предлог законот за воведување полициски патроли на универзитетите.

Во Солун на сличен собир имаше околу 1.500 луѓе, соопшти полициски извор.

Ова беше трет протест на студентите во последните три недели.

Вчерашните демонстрации почнаа два дена по воведувањето на општата забрана за собирање на повеќе од 100 луѓе, до 1 февруари. Полицијата во вторникот наведе дека целта на мерката е да се заштити јавното здравје, а земјата од почетокот на ноември е под рестриктивни мерки поради вториот бран на пандемијата на коронавирусот.

„Не за полицајци на универзитетите“, извикуваа студентите со маски на лицата. Тие бараа и отворање на универзитетите затворени неколку месеци поради карантинот за спречување на ширењето на вирусот.

Контроверзниот предлог закон предвидува специјални полициски патроли кои, според владата, би ги обезбедувале високите наставни установи каде често избива насилство.

Меѓутоа, студентите и ректорите возвратија дека мерката ја укинува самостојноста на универзитетот, што е принцип кој важи во повеќето универзитети во Европа и според кој на полицијата не ѝ дозволено да интервенира без барање на ректорот.

Присуството на полицијата на универзитетите е чувствителна тема во Грција поради крвавата репресија во ноември 1973 година. Војската и полицијата интервенираа тогаш на Политехничката школа во Атина поради студентските демонстрации против воената хунта.

Прелог законот наиде на критики на опозицијата и медиумите поради бројните случаи на полициска репресија и забрана за собири среде пандемијата на коронавирусот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •