мај 16, 2021

Шекеринска за Каракачанов: „Aко тој сака да биде Македонец нека повели“

„Тој што е сигурен во својот идентитет и својот јазик нема потреба толку да се пени и објаснува“, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, при гостување во Дневникот на „Сител“.

Вака таа ги искоментира изјавите на нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов.

Таа смета дека енергијата не треба да ни ја одземаат изјавите како оние на Каракачанов. Тој зборуваше за наводно бугарско потекло на Шекеринска, на што таа одговори:

„Јас сум горда и сигурна во себе, мојот идентитет и во својата македонска изворна идентификација и нема што да дискутирам со Каракачанов која сум и што сум, ако тој сака да биде Македонец нека повели. Нашето право е наше право, многу од тие изјави не ни се од полза. Тој што е сигурен во себе, во својот идентитет и својот јазик нема потреба толку да се пени и објаснува. Покажуваме многу поумно и посигурно размислување, отколку другата страна“, рече Шекеринска.

„Едно останува, или овде ќе се однесуваме европски, македонски, бугарски – паметно, или ќе продолжат таквите политички навики да ни го трошат времето. Ние не сакаме да им го трошиме времето на нашите граѓани“, објаснува министерката.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •