мај 16, 2021

Царовска: Низ дијалог со компаниите ќе ги утврдиме профилите кои ќе ги отвориме во стручните училишта

Согласно потребите на отворениот пазар на трудот, средните стучни училишта треба да имаат отворен профил. Оттаму, Министерката за образование и наука, Мила Царовска потенцираше дека во соработка со локалните самоуправи, како и стопанските комори, ќе се увиди во која општина каков профил на училиште недостасува.

Во своето гостување, синоќа на Алсат Тв, министерката потенцираше дека најавени се 13 средби, на кои врз призмата на социјален дијалог, на локално ниво ќе се утврди какви профили на стручни училишта треба да се отворат.

Инаку веќе е направена анализа со 450 компании за нивните потреби и заинтересираноста за соработка и овие локални средби ќе бидат само потврдување на анализата.

„Во изминатите години по инерција истите профили кои биле отворени децении остануваат отворени и понатаму, иако не одговараат на реалните потреби на пазарот на трудот. Учениците од овие паралелки и профили ќе може да бидат и со пракса вклучени во компаниите за тој линк уште во првиот ден да се создаде помеѓу училиштата, компаниите и учениците. Ова го правиме за самите ученици и родители да стекнат доверба дека во општината има училиште коешто не е заборавено, туку напротив е училиште кое ќе му обезбеди работа на моето дете“, истакна министерката Царовска.

Во суштина, тие училишта веќе постојат, но пред стартот на следната учебна година, тие ќе добијат само своја верификација.

Во однос на бројот на ученици кои се запишуваат во средните училишта, министерката рече дека е најважно да се почитуваат законите.

„Со години сме сведоци дека се прави отстапка од законите кои предвидуваат колкав број ученици може да се запишат во една паралелка, но така создаваме неквалитетно образование. Затоа законите мора да се почитуваат и тоа е првиот механизам. Вториот механизам е промени во начинот на стипендирање. Ако со години стипендираме општо образование, а не стипендираме средно стручно не сме успогласени со реалните потреби на реалниот сектор. Оваа година објавивме стипендии директно насочени кон средно стручно, но за наредната година планираме стипендиите да бидат мотивирачки и предвреме да се објават со конкурсите и најдобрите ученици од основно образование. На овој начин да бидат мотивирани да се запишат во стручите училишта“, истакна Царовска на синоќешното гостување.

Меѓудругото, министерката посочува и дека, исто така е важно да се создаде доверба помеѓу општина, компанија и училиште бидејќи така ќе ја вратиме довербата во средните стручни училишта, а и ќе придонесеме за подобра иднина на младите. Значајно е и тоа што завршувањето на средно стручно е секогаш подобар старт за запишување на техничките факултети.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •