мај 16, 2021

ВМРО-ДПМНЕ бара замрзнување на преговорите со Бугарија, Заев вели не се разговара за идентитетот и јазикот

Поради уцените и ветото треба да бидат замрзнати преговорите на историска комисија со Бугарија и да се донесе национален консензус меѓу сите партии за нашите црвени линии, порача денеска од собраниската говорница пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска во пратеничко прашање до премиерот Зоран Заев.

Таа обвини дека се врши притисок врз експертите во Комисијата, посочувајќи ја, како што рече, тајната смена на историчарот Александар Литовски.

„Достоинството и идентитетот на секој Македонец е загрозен. Договорите со Грција и Бугарија отворија многу ранливи прашања за што ние предупредувавме. Научната мисла мора да е независна и не смее да се доведува во врска со потребите на политиката. Членовите на комисијата се ескперти, вие како политичар не треба да имате ваше влијание врз нивното работење, дел од нив се пожалија за јавниот притисок за решавање на овие тешки прашања. Владата треба да ги тргне рацете од Комисијата. Поради уцените и ветото треба да бидат замрзнати преговорите за да можеме јавното мнение да го искреираме на начин како што треба и да направиме национален концензус меѓу сите партии за вакво прашање“,

порача Ласовска.

Ласовска порача дека неопходно е да се донесе декларација со црвени линии, која како што рече, би била појдовна точка за преговори.

Премиерот Зоран Заев пак, порача дека за македонскиот идентитет и за јазикот ниту се преговарало ниту ќе се преговара. Вели во тек се размена на идеи и дека нема отстапка од црвените линии.

„Се покажа дека ништо не распродава оваа Влада, јавно тврдиме дека членство во ЕУ која не ни признава идентитет и јазик не ни треба, зашто не веруваме во таква ЕУ. Може да добиеме уште 100 ултиматуми, уште 10 пати вето и блокада, на овие прашања нема да разговараме. Јас очекувам од Бугарија чисто признавање на македонскиот идентитет и јазик.. Продолжуваме да разговараме, разменуваме идеи, ама не замрзнување на преговорите. Предлагате да замрзнеме – што да замрзнеме? Со години бевме замрзнати и заледени останавме последна опашка на Балканот, сега сме пример за пријателство, заштита на идентитетот и јазикот, членка сме на НАТО. Ќе разговараме и ќе продолжиме да разговараме и ќе постигнеме договор. Можам и јас со „мускули“ да излезам и да зборувам како сум заштитник и слично, но само го осудувам народот да биде заборавен и изолиран. Ниту се преговарало ниту се разговарало за јазикот и идентитетот. Ќе продолжиме да се обидуваме да отвораме перспективи за нашиот народ“,

рече премиерот.

Коментирајќи ја смената на Литовски, Заев го повтори ставот дека нему му завршувал договорот и самиот не сакал да го продолжи.

„Литовски бил јавно поддржувач на Заев и СДСМ, но во овој дел беше и критичар и тоа го дава слободата што беше незамисливо во минатото. Некој што го плаќа Владата да искритикува премиер се знаеше што ќе се случи, ќе беше сменет веднаш, но денес секој е слободен да зборува како што мисли. Тој јасно кажа дека има свои семејни идни предизвици на кои сака да се посвети и не сака да биде продолжен договорот. Влијание на Комисијата ниту ни паднало на памет. Тие се експерти по овие прашања и до ден денес влијание ниту ќе имало ниту ќе има. Историјата да ја оставиме на историчарите“,

рече Заев.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •