март 4, 2021

Тачи не доби привремена слобода од Хаг: Може да избега, да влијае врз сведоци и да го повтори делото

Висината на казната, вклучително и доживотен затвор, која му се заканува на Тачи доколку биде осуден, е исто така фактор што судијата го зел предвид.

Судот во Хаг за злосторства од ОВК не дозволи привремено ослободување на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, кој како екскомандант на ОВК е обвинет за воени злосторства врз Албанци, Срби и Роми, во Косово и во Албанија.

Во одлуката која е објавена денес, а е донесена на 22 јануари, судијата на претходна постапка Никола Гиом заклучува „постои ризик Тачи да побегне, да го попречува напредокот во судските постапки или да изврши нови злосторства против оние што се сметаат за противници на ОВК, вклучително и сведоци кои би можеле да обезбедат докази или веќе е закажано да се појават на суд.“

Судијата Гиом, исто така, ги прифати аргументите на обвинителството, кое се спротивстави на барањето на одбраната на Тачи за привремено ослободување.

Како и во претходната одлука со која се одбива истото барање на другиот обвинети Кадри Весели, судијата Гиом заклучи дека ризикот од потенцијално бегство на Тачи сега е поголем отколку пред неговото апсење, бидејќи тој ги дознал деталите за обвинението и доказите против него.

Висината на казната, вклучително и доживотен затвор, која му се закануваат на Тачи доколку биде осуден, е исто така фактор што судијата го зел предвид.

„Високата позиција на Тачи во ОВК и на Косово му донесе широка мрежа на приврзаници, кои може да му помогнат да избега. Таа мрежа може да се мобилизира со цел да се попречи напредокот на истрагата и кривичната постапка на обвинителството“,

се вели во судското образложение.

Според судијата, ризикот дека Тачи може да се меша во работата на судот е и податокот дека само неколку дена откако дознал дека е обвинет, побарал од тогашниот државен секретар на САД, Мајк Помпео, да интервенира, а потоа ги намалил казните на некои припадници на ОВК осудени за злосторства на Косово.

„Покрај тоа, Тачи се обиде да влијае врз сведоците и осомничените кои обвинителството ги повика на сослушување во Хаг, давајќи им привилегии“,

се вели во образложението, при што судијата Гиом истакнува дека овие факти мора да се разгледаат во контекст на општата, веќе добро утврдена и постојана клима на малтретирање и мешање на сведоци во кривични постапки против поранешни припадници на ОВК на Косово.

Потсетувајќи дека во основата на обвинението беа злосторства против лица кои беа обележани како противници на ОВК, судијата Гиом оценува дека постои ризик Тачи да се обиде да го повтори злосторството со малтретирање или влијание врз сведоци.

Барање за ослободување со привремено ослободување го поднесоа и обвинетите Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Одлуките за нив судот сè уште не ги објавил.

Тачи (52), Весели (53), Селими (49) и Красниќи (69) се обвинети за злосторства извршени во 34 илегални притвори на ОВК во Косово и Албанија против најмалку 407 приведени, од кои најмалку 98 беа убиени, од март 1998 година до септември 1999 година.

Обвинението ги товари Тачи, Весели, Селими и Красниќи по 10 точки за: прогон врз политичка и етничка основа, затвор, незаконско апсење и притвор, други нехумани дела, суров третман, тортура (две точки) и убиство (две точки).

Овие злосторства се квалификувани, во шест точки, како злосторства против човештвото и во четири точки, како воени злосторства.

Според обвинението, Тачи и останатите сносат и индивидуална и командна одговорност за овие злосторства како членови на Генералштабот на ОВК за време на обвинението: Тачи како политички комесар, подоцна командант, Весели како началник на разузнавање, Селими како главен оперативец и Красниќи како заменик – командант и портпарол.

Сите обвинети, кои беа уапсени на Косово на 4 и 5 ноември, на нивното прво појавување пред судот, од 9 до 11 ноември, се изјаснија за невини за злосторствата во обвинението. Обвинителите бараат судењето да започне во септември оваа година, а одбраната тврди дека судењето не може да започне до летото 2022 година.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •