април 16, 2021

Македонско Порно

Роберт Милески

Во време на ваков развој на информатичката технологија која го промени секој аспект од нашиот живот, неминовно е потребна голема информатичка писменост за секого! Тоа подразбира секој да е свесен за последиците што можат да се случат од личните постапки.

Правилата се многу едноставни – ако снимате домашни порно филмови, правите или ставате еротско-провокативни фотографии, бидете СИГУРНИ дека тие еден ден ќе завршат пред очите на цел свет. Не е прашањето дали, туку кога тие ќе завршат на интернет. А интернетот има една мана – никогаш не заборава. Епа потоа нема љутиш. Секоја акција има соодветна реакција. Затоа мислете ПРЕД да ги правите вашите порно видеа и да се сликате во еротски пози како за во списанија за возрасни.

И не ги обвинувајте властите на ниту една држава. НИКОЈ досега не успеал да го исконтролира интернетот, оти тоа беше и целта на неговото создавање. И ако денес е Телеграм, искрено ви кажувам – тоа е ништо во споредба со она што се случува на т.н. дарк веб, кој е буквално 100% анонимен! Е токму тогаш ќе ви се крене косата на главата ако знаете што сè се случува таму. Сакам да кажам, можеби и ќе успеат да го спречат на Телеграм, ама на дарк веб – никогаш.

За жал жртви ќе има многу, најчесто лица кои направиле нешто несвесно, а потоа ги сфаќаат последиците од нивната одлука да снимаат порно. Секако има и невини жртви кои без да знаат биле снимани, а посебно жртви се малолетни лица, кои некогаш од наивност, некогаш намерно се изложени на вакви работи.

И еве да ви одгатнам уште една работа. Секој што од дома пристапува до одредени “специфични” веб страни на интернет, неговите податоци до страните до кои пристапува ги има неговиот интернет провајдер (кабелски оператори, телеком оператори), а со тоа и Владите на државите, како и луѓето кои работат во овие компании (последниве се најопасни оти ги користат овие информации за уцена). Дополнително доколку не користите анонимен мод, нив ги имаат и гугл, а за брзо, кога ќе се промени начинот на таргетирани реклами (веќе од верзија 89 на google chrome), ќе ги имаат и буквално сите компании кои ги користат овие податоци. Да не се чудите ако еден ден ви покажат листа со веб страни каде сè сте пристапувале..

Автор: Роберт Милески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •