април 14, 2021

Заев го покани Мицотакис да ја посети Македонија

Премиерот Зоран Заев денеска преку новиот амбасадор на Грција Русос Кундурос упати покана до грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да ја посети Македонија. Како што соопшти владината прес-служба, на средбата со грчкиот амбасадор била пренесена пораката од Атина за продолжување на пријателството меѓу двете земји преку унапредување на соработката во областите кои се важни за граѓаните

Премиерот Заев и амбасадорот оцениле дека преку пријателство двете земји промовираат стабилност во регионот на Западен Балкан

„Изразена е поддршка од Грција на нашата држава за прогрес и во евроинтеграциите, по постигнатото членство во НАТО, како и за техничка помош во процесите важни за европските перспективи”, се велу во соопштението.

На средбата, како што се наведува, посебно е разговарано за интензивирање на економската соработка, каде, како и во енергетиката, се бележат видливи резултати.

„Низ економијата, граѓаните на двете држави почнуваат да чувствуваат директни бенефити од Преспанскиот договор, како историски чекор и значајна определба на двете држави за градење добрососедски односи, инклузивна и конструктивна соработка”, кажал премиерот Заев.

На средбата е посочена и важноста на соработката во областа на здравството, земјоделството, образованието, културата, социјалната заштита.

Премиерот Заев преку амбасадорот Кундурос упати покана до грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да ја посети Република Македонија, се вели во владиното соопштение.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •