април 13, 2021

Докторите од „8 Септември“ излегоа на протест: Не е вреднуван нашиот труд во борбата со Ковид-19 (ВИДЕО)

Докторите од „8 Септември“ излегоа на протест, бидејќи тоа што им беше ветено, односно дека вредноста на нивниот труд ќе се изедначи со клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ не е исполнето. Триесетина медицински лица вработени во градската општа болница „8 Септември“ во Скопје денеска одржаа протест во кругот на болницата за да изразат револт од неисполнетите ветувања за зголемување на нивните плати и вреднувањето на трудот.

Докторите бараат „8 Септември“ да има статус на клиника, да добијат инфективен додаток за лекувањето на ковид-пациенти, како и да им се зголеми процентот на додатоците за дежурства на исто ниво како на нивните колеги вработени во клиничките болници.

Тие бараат да добијат „инфективен додаток“ (како за секоја инфективна болест), како и зголемување на додатоците за дежурства, за кои се жалат дека се двојно помали од оние што ги добиваат нивните колеги од клиничките болници.

-Излеговме на протест бидејќи ни беше ветено дека ќе ни се изедначи вредноста на нашиот труд со клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, но тоа се уште не е сторено. Ние како болница од март се бориме со ковид-19 и мислам дека нашата работа и нашиот труд не е вреднуван. Ни ветија дека дежурствата, платите ќе ни бидат изедначени како со Клиничкиот центар и дека ќе ни го исплатат инфективниот додаток, вели во изјава за „360 Степени“ д-р Петар Атанасовски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •