април 18, 2021

Димитров и Османи со Лајчак: Македонија е пример за успешна приказна – потребен е почеток на преговори со ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и вицепремиерот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, остварија работна средба и со Мирослав Лајчак, инаку специјален претставник на ЕУ за Западен Балан.

На оваа средба, Османи и Димитров посочија дека Република Македонија високо ја цени улогата што од страна на ЕУ му е доделена на амбасадорот Лајчак како посредник во разговорите помеѓу Србија и Косово, како и на други прашања во регионот.

Во тој контекст, на средбата беше нагласено дека како непосредни соседи имаме особен интерес од успехот на дијалогот Приштина – Белград, посредуван од ЕУ. Приближување на ставовите на двете страни и нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе претставува огромен влог во стабилизацијата и европеизацијата на целиот регион – беше истакнато од македонска страна.

Соговорниците разговараа и за европската перспектива на Република Македонија, за добрососедските односи, регионалните иницијативи како и за очекувањата во периодот што претстои.

Едногласен беше заклучокот дека Република Македонија е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија подвлекувајќи го успехот на земјата како успешна европска приказна во регионот, а со тоа и пример за другите земји од Западен Балкан – јасно прикажувајќи ја трансформативната моќ на европската идеја.

Од тие причини, европската перспектива на Република Македонија мора да продолжи без разлика на предизвиците на овој пат. Тоа ќе биде потврда за одржувањето на политиката на проширување на агендата на ЕУ, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните – беше заклучокот од состанокот.

Работната посета на Брисел беше заокружена со работен ручек со претставниците на генералниот директорат во ЕК за соседство и проширување, на којшто беа разменети мислења за постигнувањата и идните реформски планови.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •