април 14, 2021

Тротоарите во Скопје окупирани од возила, „На Точак“ бара од општините да се позанимаваат со проблемот

Пешаците и велосипедистите се движат на улици, додека возилата ги имаат окупирано тротоарите и велосипедските патеки низ Скопје. Од граѓанската иницијатива „На Точак“ изминатиов месец водат активна кампања #ТротоаритеНаСкопје по социјалните мрежи, во која тие го прикажуваат секојдневното окупирање на тротоарите од непрописно паркирани возила.

Кампањата на оваа граѓанска иницијатива следува откако на крајот на минатата година, „На Точак“ преку допис побара од сите 10 скопски општини годинава да се позанимаваат со три основни и две дополнителни теми.

„Предлагаме Општината во следната година да работи на акција на ослободување на тротоарите од узурпацијата со возила, дислоцирање на лошо поставена урбана опрема и правење на тротоарите и целиот јавен простор квалитетни, лесно достапни и пристапни за сите“, се наведува како прва тема во дописот до општините Центар, Карпош, Кисела Вода, Бутел, Чаир, Аеродром, Гази Баба, Шуто Оризари, Ѓорче Петров и Сарај.

„На Точак“ предлагаат 10-те скопски општини годинава да издвојат од своите буџети за изработка на План за пешачка и велосипедска мрежа, со кој поединечно во секоја општина ќе се истражат можностите за спроведување на велосипедски патеки и ленти, како и велосипедски улици (улици со мешан сообраќај, но со приоритет на велосипеди).

Од скопските општини се бара во 2021 година сите улици на нивната територија, освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и издвоени пешачки и велосипедски патеки, Советот на општината да ги прогласи одеднаш за Зона 30, на кои максималната брзина на движење на возилата би била 30 километри на час.

Од граѓанската иницијатива предлагаат годинава сите оние скопски општини што досега не вовеле субвенции за велосипеди, годинава тоа да го направат. Исто така, „На Точак“ бара од 10-те општини да ги искористат своите надлежности од областа на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и да го направат паркирањето велосипеди возможно, практично и безбедно преку изведба на паркинзи за велосипеди на територијата на нивната општина.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •