мај 19, 2021

Евроамбасадорот Гир: Македонија и Бугарија да најдат решение за процесот да продолжи напред

Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир е оптимист дека во првата половина од годинава може да се очекува првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ со што ќе значи почеток на преговорите за полноправно членство.

Гир во интервју за МИА вели дека Португалија се обврза дека во нивното претседателство со ЕУ, стартувањето на преговорите со Македонија ќе биде приоритетно прашање.

„Само да се навратиме на настаните од минатата година во март – историската одлука донесена од Европската Унија. Тоа значи дека 27 земји членки сите заедно се договорија за отворање пристапни преговори со Република Македонија и со Албанија. Следниот чекор е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори. Тие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Република Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред“,

вели Гир.

Тој вели дека има целосно разбирање што луѓето во земјава се чувствуваат фрустрирано и што се нетрпеливи да се движат напред, но исто така, нагласи дека за да се оди напред, потребен е ангажман за овие прашања.

„Многу примери има од минатото каде што со континуирано ангажирање работите се движат напред и јас сум голем оптимист“,

додава Гир.

Според него, две работи се неопходни – првата е Република Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес. Зошто тоа е важно – прво, поради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •