март 8, 2021

Корупцијата товар за компаниите, државните претпријатија не сакаат контроли?!

Доколку сакаме успешна економија и функционален бизнис треба да ја искорениме корупцијата. Заклучокот е заеднички и доаѓа како од власта така и од бизнис и невладиниот сектор. Првиот човек кој е задолжен да се бори против корупцијата потсети дека етичкиот кодекс кој беше донесен од почетокот на оваа власт ги дал првите резултати.

„Веќе голем дел директори и функционери се разрешени не по инцијатива на некој друг, туку по констатации за кршење на самиот кодекс…Ги задолживме сите надлежни институции, вклучително и општините во рок од 30 дена, овие 30 дена се поминати да ги објават сите јавно достапни документи. Ова ќе биде и еден од условите општините да добијат финансиска поддршка и од Буџетот и од меѓународните институции.“, вели Љупчо Николовски.

Николовски најави, дека во иднина ќе се воведе и електронска инспекција или т.н Е –Инспектор, кој треба да го намали субјективното влијание на инспекторот .

Невладиниот сектор забележал, дека кај Јавните претпријатија и Акционерските друштва години наназад го избегнувале будното око на Ревизорот.

„Нема и не се спроведува утврдена постапка за избор на членови на Управни надзорни одбори во овие претпријатија кои најчесто се пополнуваат со партиски кадри. Загрижувачка финансиска слика на одредени претпријатија што ја загрозува нивната работа, ги прави нивните услуги за граѓаните неквалитетни ,недостапни за сите што пак од друга страна генерира и ризици од корупција. Отсуствува ефикасен надзор врз овие претпријатија со тоа што имало само 9 проценти спроведени државни ревизии во последните 15 години.“, вели Герман Филков.

Во едно од најголемите државни претпријатија ревизија немало од 2007 година, потенцираат од Центарот за граѓански комуникации. Додаваат, дека 145 вакви претпријатија во државата имаат вкупни приходи од 800 милиони евра годишно а во БДП учествуваат со повеќе од 7 проценти и вработуваат околу 30.000 луѓе. Истражувањата покажале дека компаниите во голема мера го чувствуваат товарот на корупцијата и истата не ја прифаќаат здраво за готово. Чувствуваат, дека немаат поединечна моќ да ги променат работите . Токму ваквата ситуација налага во иднина да се креира бизнис опкружување кое ќе биде растеретено од стегите на корупција,посочија економските познавачи.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •