мај 19, 2021

ЦЕНТАРОТ НА ВАШИНГТОН ПРЕТВОРЕН ВО ВООРУЖЕНА ТВРДИНА ЗА ДЕНЕШНАТА ИНАУГУРАЦИЈА НА БАЈДЕН

Денешната церемонија ја обезбедуваат 25.000 припадници на Националната гарда.

Централен Вашингтон е претворен во вооружена тврдина, оградена со бодликава жица и чувана од 25.000 припадници на Националната гарда за денешната церемонија на устоличување на Џо Бајден во нов претседател на САД, што е голема спротивност во однос на досегашните инаугурации, кога во градот се прославуваше со денови.

Паркот Нешнал Мол е затворен за јавност поради страв од можни закани и напади од групите кои упаднаа во Конгресот на 6 јануари, претворајќи го Вашингтон во град на духови, а поради пандемијата на коронавирусот се откажани и сите традиционални балови и забави.

„Ние не сакаме огради, не сакаме да гледаме вооружени војници на нашите улици, но не можевме да постапиме поинаку по обидот на таканаречените патриоти да ја соборат владата“, изјави градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баусер.

Десетици улици во центарот на градот се блокирани, а десетина метро станици затворени и само жителите и оние кои работат во локалните бизниси смеат да се движат во рамките на внатрешната „зелена зона“.

Две недели по крвавиот упад на приврзаниците на Трамп во Капитол, Џо Бајден токму тука, во 18 часот по македонско време, ќе положи заклетва пред претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс, заокружувајќи ја транзицијата на власта против која неговиот претходник силно се бореше до самиот крај. Меѓу ретките присутни гости ќе бидат бившите претседатели Барак Обама, Бил Клинтон и Џорџ Буш, но не и Трамп, кој во тоа време веќе ќе биде во својата резиденција во Флорида.

Соработниците на Бајден открија дека тој ќе одржи получасовен говор, во кој ќе испрати оптимистичен повик за национално единство. Неколку минути претходно, Камала Харис ќе стане прва жена на функцијата потпретседател.

Леди Гага ќе ја изведе националната химна, а ќе настапат и Џенифер Лопез и Гарт Брукс.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •