април 17, 2021

Најголемите играчи во “бизнисот” со мали хидроцентрали (видео)

Кога на граѓаните им пристигнува сметката за струја, ретко се случува таа детално да се провери, па дури и кога ќе се направи тоа, тие често и не знаат каде точно се влеваат нивните пари. Малкумина од нив знаат дека шест проценти од сите сметки што граѓаните ги плаќаат за струја се наменети за субвенционирање обновливи извори на енергија – тука влегуваат малите хидроцентрали, фотоволтаичните системи, ветерните централи и централите на биогас.

Хидроенергијата добиена од малите хидроцентрали произведува скромно количество електрична енергија, но парите што легнуваат на фирмите што ја произведуваат се високи суми.

За ова дебатите се големи, со оглед на тоа што еколошките здруженија реагираат дека малите хидроцентрали прават значителни штети врз животната средина во еколошки сензитивни подрачја, а се финансираат од сметките за струја во форма на повластени тарифи.https://www.youtube.com/embed/DjJen1c0YnQ?feature=oembed

Граѓани и еколози континуирано алармираат дека малите хидроцентрали го загрозуваат водостојот и живиот свет во македонските реки

Во чии фирми завршуваат овие пари не е тајна, но тајна е податокот во кои фирми колку пари се влеваат. Ова барем беше одговорот што го добивме од АД МЕПСО, односно од фирмата-ќерка „Мемо“, оператор на пазарот на електрична енергија.

„Ве известуваме дека не сме во можност да доставиме финансиски податоци за исплати по основ на производство на повластени производители на електрична енергија од обновливи извори (поконкретно мали хидроцентрали) поради тоа што договорите содржат клаузула на доверливост која исклучува можност за објава на бараните податоци“, беше одговорот што го добивме од АД МЕПСО.

Од компанијата се повикуваат на договор којшто е на сила од октомври минатата година, каде што во членот 33, во однос на доверливоста на податоците, стои дека „договорните страни се согласни да обезбедат доверливост на сите податоци и информации  кои ги разменуваат и тие информации и податоци да ги користат исклучиво за извршување на нивните обврски коишто произлегуваат од овој Договор, како и од Законот за енергетика, Правилата за пазар на електрична енергија и соодветните мрежни правила“.

Од АД МЕПСО велат дека е направен чекор напред во зголемувањето на транспарентноста и пристапот до информации, бидејќи досега постоеле два договори – тој што бил на сила од 5.6.2012 година до 18.10.2019 и тој што е на сила од 18.10.2020 наваму – и тие содржеле идентична клаузула за доверлост во врска со размената на податоци.

„Разликата меѓу двата модел-договори е во тоа што актуелниот модел – договор (на сила од 18.10.2020 г.), за разлика од претходниот модел – договор (што бил на сила од 5.6.2012 година до 18.10.2019), овозможува увид во содржината на договорот за сите заинтересирани лица, што е значаен исчекор во зголемување на транспарентноста и пристапот до информации“, велат од АД МЕПСО.

Сепак, ова значи дека договорите што би ги добиле на увид нема да ги содржат имињата на компаниите и исплатените пари, туку само содржината на склучениот договор. Со други зборови, во земјава е невозможно да се добие податок која компанија колкав приход и профит направила од хидроенергијата добиена од малите хидроцентрали, коишто произведуваат скромно количество електрична енергија, а се финансираат од сметките за струја во форма на повластени тарифи.

За ова прашање поднесовме и барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, за кое очекуваме одговор.

Кои се фирмите што најмногу инкасирале од обновливите извори на енергија?

Заклучно со 1 декември 2020 година, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (RKE) има издадено 107 лиценци за производство на електрична енергија од мали хидроелектроцентрали. Од нив, 96 ја продаваат произведената електрична енергија по повластени тарифи, додека преостанатите 11 електроцентрали ја продаваат произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија, информираат од Регулаторната комисија.

Повластените производители коишто користат повластени тарифи учествуваат со 6,17 проценти во произведената електрична енергија од домашни производители.

На повластените производители коишто користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој киловат произведена електрична енергија, по која операторот на пазарот на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија произведена од повластените производители во период од 15 до 20 години, во зависност од видот на електроцентралата.

Со оглед на тоа што МЕПСО, односно нејзината ќерка-фирма МЕМО, одбиваат да соопштат колку пари се дадени за субвенции за обновливи извори на енергија, за секоја фирма одделно, а во случајов за малите хидроелектрани, мораше да се оди чекор по чекор, односно да се разгледуваат приходите и профитот на секоја од овие 96 фирми, со цел да откриеме кој заработил најмногу од овој бизнис.

На овој начин, одејќи чекор по чекор, дојдовме до 10 фирми коишто оствариле највисоки приходи во 2019 година, врз основа на дејноста 35.11, односно „производство на електрична енергија“.

Станува збор за фирмите „ПЦЦ Хидро“ ДООЕЛ, „ЕМК ДООЕЛ Мали хидроелектрани“ Скопје, „Мали хидро електрани“ ДОО, „Мали Хидро Електрани Горно Белички извори“ ДОО Скопје, „Сол Хидропауер“ ДООЕЛ Скопје, „Хидро Бошава“ ДООЕЛ Кавадарци, „Хидро Енерџи Гроуп“ ДОО експорт-импорт Скопје, „Монтинг енергетика Тиквеш“ ДОО Скопје, „Норд Енерги Гроуп“, експорт-импорт Тетово, „Вардар Хидро“ ДОО Скопје.

Во табелата што следи, може да се види колкави приходи заработиле овие фирми во 2019 година.

Во недостиг од официјална информација, податоците за приходите се прибирани чекор по чекор од Централниот регистар

На сличен начин, проверувајќи ја секоја компанија одделно, дојдовме до податоци и кои се фирмите кои оствариле профит од над 100.000 евра за 2019 година. Станува збор за фирмите „ЕМК ДООЕЛ Мали хидроелектрани Скопје“, „Мали Хидро Електрани Горно Белички Извори“ ДОО Скопје, „Хидро Енерџи Груп“ ДОО експорт-импорт Скопје, „ЕВН Македонија Електрани“ ДООЕЛ Скопје, „Сол Хидропауер“ ДООЕЛ Скопје, „Монтинг Енергетика Тиквеш“ ДОО Скопје и „Вардар Хидро“ ДОО Скопје.

На прашањето дали малите хидроцентрали би биле рентабилни без повластена тарифа од Регулаторната комисија без конкретен одговор. Оттаму велат дека станува збор за мерка за поддршка на обновливите извори на енергија и дека Владата е одговорна за утврдување на повластената тарифа/Извор на податоците: Централен регистар 

Целото истражување тука.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •