Колку повеќе згради, толку повеќе пари за општините (видео)
2 месеци ago
Голем дел од приходите на општините во Скопје доаѓаат од таканаречени даноци од специфични услуги во кои спаѓаат комуналиите што се наплатуваат за изградба на нови објекти. Во трката за приходи, општините одобруваат изградба на објекти без да се обезбеди соодветна инфраструктура којашто ќе гарантира квалитетен живот на граѓаните. Можен излез од ваквата состојба е да се оди чекор напред во децентрализацијата односно општините да добиваат повеќе пари од даноците што ги наплатува државата.
Скопје забрзано се гради. Општинските каси се полнат со пари преку надоместоците за уредување градежно земјиште, но просторот неповратно се губи. Има ли излез од сценариото кое градот го претвори во бетонска касаба без никаков ред и урбанистичка логика?
Доволен е само еден поглед врз буџетите на општините за да се сфати дека пристапот е конзумеристички. Локалните самоуправи се зависни од комуналиите за градба, ставка која доминира во нивните каси. Колку поголеми градежни парцели, повеќе згради и катови, толку повеќе пари за покривање на нивните трошоци.
Првиот човек на ЗЕЛС, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека постои политичка волја да се излезе од ваквата состојба. Се разговара со Владата за поголема фискална децентрализација, со што повеќе пари од даноците кои ги плаќаме ќе се слеваат во буџетите на општините. Но, за ова се потребни законски измени.
„Станува збор за зголемувања на зафаќањата, на процентот што општините го добиваат од данокот на додадена вредност, што е сега многу малку, 3 проценти од вкупното ДДВ земаме во моментов како општини. Тука треба да имаме еден посериозен исчекор. И дефинитивно, стандард е дека персоналниот данок што го плаќаат граѓаните треба да го добиваат барем во половина единиците на локалната самоуправа, бидејќи и Вие и јас како граѓанин кога го плаќаме нашиот, личниот персонален данок, очекувањата наши се дека онаму каде што егзистираме, онаму каде што живееме, го плаќаме данокот за да ни бидат подобрени условите“, вели Шилегов.
Поранешниот градоначалник Коце Трајановски, пак, вели дека тие се обиделе системски и трајно да го подобрат финансирањето на општините; наместо 3 сега добиваат 4,5 проценти од ДДВ, а 80 отсто од парите од продажба на градежно неизградено земјиште и од концесии за експлоатација на минерални суровини одат во локалните самоуправи. Дека приходите од ДДВ на општините ќе скокнат на 7% СДСМ ветуваше во изборната програма уште пред 4 години, но од тоа засега нема ништо.
„Ние и тогаш предлагавме да се зголеми процентот на ДДВ или процентот на персоналниот данок. На пример, 30% од персоналниот данок да биде наменет за општините во Република Македонија, а тој внатре ќе се дели по некоја методологија, по број на жители, распространетост, по површината што ја зафаќаат, по типот на населбите, колку рурални има, колку урбани има и со тоа потрајно би се решиле проблемите со финансирањето на општините во Република Македонија“, вели Трајановски за „Само прашај“.
Што покажуваат буџетите на скопските општини? Дел од нив се транспарентни со податоците, други се скржави со бројките, трети и по неколку години доцнат со јавно објавување на бројките на нивните веб-страници за граѓаните да знаат како со трошат нивните пари.
ОПШТИНА
УЧЕСТВО НА ДАНОКОТ НА СПЕЦИФИЧНИ УСЛУГИ ВО ВКУПНИТЕ ДАНОЧНИ ПРИХОДИ