април 13, 2021

Мицкоски лобира кај Орбан: ЕУ да подаде искрено рака за земјите аспиранти за членство

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и потпретседателот на партијата, Христијан Мицкоски и Александар Николоски, лобирале кај унгарскиот премиер, Виктор Орбан, како земја-членка на ЕУ да дадат поддршка за одблокирање на земјава. Македонските опозиционерите во Будимпешта оствариле средба и со министерот за надворешни работи, Петер Сијарто.

На работниот ручек со Орбан, Мицкоски се осврнал на блокираните европски интеграции кои се последица на последното вето на источниот сосед, кое што Македонија ја одалечува од стратешката цел членство во Европската Унија.

„Премногу долго државата е заробена во недостаток на реформи, калкулирања и тапкање во место што резултира со оправдана нервоза, но и своевидна фрустрација во исполнувањето на стратешката агенда. Точно е дека македонската влада има огромeн застој во исполнувањето на реформите, неисполнети ветувања, и не до крај посветен пристап кон интеграциите, исто како што е точно дека државата и сите нејзини граѓани не смеат да бидат заглавени поради таквата неспособност на домашната влада, но и недоволната спремност на сите земји членки на Унијата да подадат искрено рака на земјите апсиранти кон ЕУ“,

рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Како што информираа од партијата, соговорниците размениле мислења и за економската и здравствената состојба, како и предизвиците кои произлегуваат од ковид-19 пандемијата.

„Македонската економија е во рецесија и над 50 илјади наши сограѓани ги загубија своите работни места. На граѓаните им недостасува конкретен план како да се излезе од кризата, но и сигурност и перспектива. Најголемиот дел од граѓаните очекуваат од владата стратегија и план како тие ја проектираат иднината за одреден период од сега. За огромна жал Македонија е меѓу земјите со најголем број на починати споредено со бројот на жители поради ковид-19 пандемијата. И тоа е доказ за неспособното и не до крај доволно посветеното работење на властите во надминувањето на предизвиците. На тој план клучна е размената на знаења и искуства со понапредните држави, како што е Унгарија и би бил багодарен доколку Унгарија помогне на тој план со било кој свој расположлив потенцијал“,

му рекол Мицкоски на Орбан.

На работниот појадок со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, станало збор за стратешките приорити врзани со членството на државата во Европската Унија. Мицкоски побарал од Сијарто поддршка и вклучување во одблокирање на пристапиот процес. Мицкоски потенцирал дека државата не смее да преговара за своите идентитетски обележја и тоа не смее да биде цената за напредок на земјава кон патот на Европската Унија.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •