април 14, 2021

Владата скришум му дала милион евра на АД ЕСМ за фасада

Владата му даде милион евра на АД Електрани на Македонија за да ја уредува фасадата и просториите кои ги купија во поранешната зграда на ЕВН во строгиот центар на Скопје.

Одлуката е донесена на владина седница на 29 декември за одобрување на средства од буџетот за 2020 година во износ од 61.000.000 денари, а трансакцијата е веднаш извршена по два дена, односно на последниот ден од минатата година, без посебно известување до јавноста.

Инаку невообичаено е ЕСМ како посебна компанија да добива пари од државата и своите трошоци ги покрива исклучиво од својот самофинансирачки буџет од продажбата на електрична енергија.

Во контекст на ова АД ЕСМ беше дел од енергетските компании кои побараа зголемување на цената на струјата изминатото лето, кога Регулаторна комисија за енергетика одобри поскапување за 7,4 отсто за домаќинствата од 1 август.

Инаку неповолните метеоролошки услови како и делумно блокираните производствени капацитети на термоелектраните поради технички зафати.создадоа проблеми во производството на електрична енергија, па така државата во моментов е приморана и на интервентен увоз на струја.

Седум години зградата каде до пред една година беше сместена ЕВН, а сега ја користи само државната компанија ЕСМ, е без целосна фасада, откако старата беше отстранета во 2013 од претходната власт.

Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, пролетта рече дека од ЕВН се купени четири ката од зградата, дел од приземјето и земјиштето под зградата за 2,2 милиони евра и дека се работи на надворешниот изглед.

Според најавите, во оваа зграда ќе се вселуваат и други институции во државна сопственост.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •