март 5, 2021

Филипче: Мерките дадоа резултат, сега сме во стабилна ситуација (видео)

Министерот за здравство информира дека од следната недела во функција се враќаат повеќе одделенија, како офталмологија, оториноларингологија, кои започнуваат со редовната работа.

Mерките за спречување ширење на ковид-19 беа добро димензионирани и дадоа резултат. Имаме значаен пад на новодијагностицирани случаи и значајно намален број на хоспитализации, изјави министерот за здравство Венко Филипче, во вечерашното гостување во дневникот на Сител.

„Мора да се изрази благодарност до граѓаните кои ги почитуваат превентивните мерки. Навистина немаше значаен број на собири за новогодишните празници. Сега сме во еден период во кој мора да видиме и процениме што ќе препорачаме понатаму. Мерките зависат од целокупната епидемиолошка состојба. Болниците се навистина подиспразнети. Празни се повеќе од 50 проценти од капацитите на болниците ширум државата. За првпат после долг временски период и на самата Инфективна клиника има слободни кревети“,

рече Филипче.

Тој информира дека од следната недела во функција се враќаат повеќе одделенија, како офталмологија, оториноларингологија, кои започнуваат со редовната работа.

„Ние сме во една стабилна ситуација, но тоа не значи дека сега ќе станеме помалку внимателни или дека го спуштаме гардот. Ги следиме бројките на новодијагностицирани, хоспитализирани. Внимателни сме затоа што е можно, како што е тоа случај во други земји, да се соочиме со трет бран. Но, засега нема такви сигнали и најави. Навистина ситуацијата е спласната, но апсолутно сме внимателни и внимателно ги анализираме сите епидемиолошки аспекти“,

рече Филипче.

Министерот потенцираше дека во нашата земја досега се детектирани 7- 8 соја на вирусот.

„Направено е генетско секвенционирање во лабораторијата во МАНУ. Од последните летни месеци, преовладуваат два соја. Меѓутоа во овој момент се прави генетско секвенционирање и на вирусот од последните две недели за да видиме дали има некаква мутација која е можеби слична на онаа што ја има во Велика Британија. Оваа недела ќе знаеме дали има некаква дополнителна мутација на овие последни дијагностицирани случаи кај нас во изминатите две недели“,

изјави Филипче.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •