мај 9, 2021

Незадоволство во Движењето Беса, се најавуваат оставки и преминувања во друга партија

Во дел од партиските структури на Движењето Беса владее незадоволство од раководењето со партијата. Во некои разграноци има и најави за оставки, за преминување во друга партија, а незадоволството е особено изразено во тетовскиот разгранок. Лидерот на младината на Беса, кој е и претседател на Советот на општина Желино, Лиридон Усеини, јавно изразува несогласување со политиката на партискиот врв и особено е критичен кон претседателот Биљал Касами.

Во изјава за МКД.мк Усеини вели дека како претседател на Младинскиот форум на Движењето Беса воопшто не е задоволен како се вреднуваат не само работата на Форумот, туку и воопшто образованите и способни кадри.

„Самиот Касами неколку пати призна дека Младинскиот форум е единствениот активен орган на Беса, а тоа го има кажано и во јавни настапи. Па сепак, продолжува со деградирањето на младите и нивното тргање настрана. И, наместо да им се даде шанса на помладите, од нив над 80 проценти со високо образование, Касами и натаму е опкружен само со функционери на возраст од над 45 години. Ние во Форумот воопшто не се согласуваме со политиката на претседателот Касами“, ни изјави Усеини.

Тој додава дека уште минатата година побарал од Касами да има од младите на кандидатиските листи за пратеници, но дека тоа не било реализирано и нагласува дека на ниту една лидерска функција нема сопартиец од Младинскиот форум.

Усеини потврдува дека има незадоволство и од начинот како се практикува власта во рамки на коалицијата со СДСМ.

На прашањето дали ќе се бара одговорност и смена на Касами и раководството, од Усеини не добивме одговор. Но тој не ја исклучува можноста незадоволството најпрво да кулминира со оставки во партиските ограноци, па дури и преминувања на цели разграноци во други партии.

На нашето прашање дали притоа мисли на Алтернатива, партијата што пред две години произлезе по тогашниот раскол во Движењето Беса, Усени не сака да одговори конкретно. Вели, „ќе видиме што ќе донесе наредниот период“.

Други членови на Беса не сакаат да говорат јавно за проблемите. Еден партиски функционер од тетовскиот разгранок потврдува дека се разговара и со Алтернатива. Тој смета дека Беса, иако е во власта, нема гласност во поглед на политиката на СДСМ.

„Сигурно во јавноста се добива впечатокот дека Беса е задоволна со фотелјите што ги доби благодарение на власта, како во парламентот, така и во Владата и со малкуте директорски позиции. И така е“, вели нашиот соговорник, според кого Беса е во сенката на ДУИ иако е директно во коалиција со СДСМ.

Според него, поради погрешната политика на Касами, Беса потфрлила на изборите. Тој вели дека според бројките од гласовите на последните парламентарни избори може да се заклучи дека коалицијата на СДСМ добила помалку гласови од Албанците, во споредба со бројот на албанските гласови на претходните избори, кога самостојно социјалдемикратите добија и градоначалничко место во Арачиново.

Од партискиот лидер на Беса Биљал Касами не успеавме да добиеме став за овие превирања.

Во партијата Алтернатива на Африм Гаши велат дека не сакаат да ги коментираат случувањата во Беса.

„Ние сме посветени на нашите активности. Некогашната Беса е минато и не се занимаваме со тоа. Но Алтернатива е отворена партија и секој квалитетен кадар што ја прифаќа нашата програма може да биде добредојден.“

Движењето Беса беше формирано во 2014 година, кога за претседател беше избран Биљал Касами, а за генерален секретар Африм Гаши. Во 2018 година партијата се подели на два дела. Од судскиот спор за задржување на името на партијата пред две години се откажа крилото на Гаши, кое регистрира нов политички субјект со името Алтернатива.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •