март 1, 2021

ВМРО-ДПМНЕ: Каде се вакцините што ни ги ветија Грција и Бугарија?

Од опозициската партија велат дека нема ниту точен датум кога ќе започне вакцинација, ниту колку вакцини се потребни, ниту колку ќе пристигнат, туку со месеци само се шпекулира и се шират лаги, за што побараа одговорност од Заев и Филипче.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека власта два месеци лаже за обезбедени вакцини против ковид-19. Портпаролот на партијата Наум Стоилковски на денешната прес-конференција рече дека во меѓувреме во целиот регион започна вакцинација, посочувајќи ја притоа Албанија која како што рече, ги добила вакцините од држава – членка на ЕУ во регионот, која што граничела со држави коишто не се членки.

„Може да се претпостави дека тоа се или од Романија, Бугарија, или од Грција. Само во Македонија се уште на големо се лаже за вакцинацијата“,

рече Стоилковски и потсети на изјавите на премиерот Зоран Заев и на министерот за здравство Венко Филипче дека Грција, односно Бугарија ќе издвојат од своите пратки за нас.

„Пораките беа дека Македонија ќе почне вакцинација истовремено со државите од ЕУ. Дополнително се ширеше лага дека Заев добил понуда од Мицотакис за вакцини, исто како што беше лагата од Филипче за вакцините од Бугарија. На 25 декември Заев повторно вели во едно свое интервју: ‘Ја прифативме помошта во вакцини од  Грција, Бугарија’, па додава: ‘За нас беше важно да направиме навремени чекори за да ги обезбедиме вакцините’. Вакцинацијата во Грција започна на 27 декември! Вакцините во Софија и во Атина пристигнаа на ден претходно, на 26 декември, и веднаш беа распоредени низ Бугарија и низ Грција. Ама пратка за Македонија немаше“,

рече Стоилковски.

Тој додаде дека нема ниту точен датум кога ќе започне вакцинација, ниту колку вакцини се потребни, ниту колку ќе пристигнат, туку со месеци само се шпекулира и се шират лаги, за што побара одговорност од Заев и Филипче.

Пред два дена, шефицата на канцеларијата на СЗО во земјава, Џихан Тавила изјави дека вакцините се на пат и потребни се многу подготовки што треба да се направат, укажувајќи дека не треба да се прават споредби со другите земји, бидејќи кај некои од нив добиените дози се од итна природа, а не се дел од регуларната пратка вакцини кои се наменети за пазарот.

Како причина зошто досега не профункционирал тој систем на европска солидарност, министерот Филипче рече дека е малата количина што и тие самите ја добиле – некаде една десеттина од планираната поради капацитетот на производство. Со зголемувањето на производството на „Фајзер“, но и производството на другите компании што се дел од системот Ковакс, тој смета по февруари дистрибуцијата на вакцини ќе биде со поголема динамика.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •