април 18, 2021

Израел го претстави имунолошкиот пасош: Дали може да го добијат и оние кои го прележале коронавирусот?

Израел важи за земја која најбрзо ја вакцинира својата популација против коронавирусот, а неодамна Министерството за здравство го претстави и имунолошкиот пасош кој ќе го добијат сите лица кои ќе ја примат и втората доза на вакцината.

Во основа, имунолошкиот пасош властите во оваа земја го нарекуваат зелена книшка, па на некој начин тој ќе биде сертификат со кој ќе се потврдува дека лицето е вакцинирано.

Освен тоа, оваа зелена книшка на вакцинираните лица ќе им понуди значајна слобода од безбедносни ограничувања поставени заради пандемијата.

Според тоа, сите оние кои ја поседуваат нема да мораат да одат во изолација по контакт со заразено лице, како и после меѓународни патувања во земји кои се сметаат како „црвена зона“ или на места каде има висока стапка на заразени. Исто така, нема да мораат ниту да се тестираат при влез во земјите кои туристички ги посетуваат.

Имунолошкиот пасош нема да го добијат оние кои го прележале коронавирусот

Меѓутоа, од нив и понатаму би се барало во јавноста да носат маска, да држат физичка дистанца и да избегнуваат социјални собири. Оние кои го поседуваат овој пасош нема да се соочат со строги ограничувања на дестинации ширум светот.

Овие сертификати за вакцинација се регистрирани во базата на податоци на Министерството за здравство, а излекуваните пациенти кои не се вакцинирани не ги исполнуваат условите за добивање на овој имунолошки пасош или зелена книшка како што го нарекуваат властите на Израел.

Израел досега успешно се справува со процесот на вакцинација, па така за помалку од еден месец со вакцината на Фајзер успешно се вакцинирани околу 20 отсто од популацијата (девет милиони жители), а повеќе од 72 отсто од лицата постари од 60 години.

Властите во Израел планираат до март оваа година да вакцинираат 5,2 милиони луѓе, за потоа постепено да се подготвуваат за излез од пандемијата и да работат на закрепнување на економијата.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •