април 18, 2021

Инвестиции, медиуми, факултети…

Официјална Софија се обидува со помеки тонови да покаже конструктивност во надминувањето на спорот што ѝ го наметна на нашата земја, но истовремено нагласува и дека нивните услови нема да се променат.

Бугарија отворено посакува да го зголеми своето присуство во Македонија во сите области и да влијае на општествено-политичките процеси преку свои компании и медиуми или со телевизија на бугарски јазик, а како што објави бриселски „Еуроактив“ сега во својот акциски план предложила да се отворат кампуси на бугарските универзитети во Македонија.

Во планот што завчера министерката за надворешни работи Екатерина Захариева му го предаде на специјалниот владин претставник Владо Бучковски имало и предлози поврзани со железницата, патиштата и инвестициите на бугарските компании, како и дел што се однесува на учебниците по историја.

Според аналитичарите, нема законски пречки за отворање на странски универзитети во Македонија, но во нив не може да се спроведува пропаганда.

Професорот и поранешен амбасадор во Бугарија Ѓорѓи Спасов е категоричен дека се лаже секој што мисли дека без почитување на нашите закони може да се отворат бугарски универзитетски кампуси во кои ќе се превоспитува младината во духот на бугарската историска наука.

– Законот за високото образование дозволува да бидат основани високошколски установи, факултети и универзитети, под сосема јасни услови. Може да ги основа и странска компанија која ќе ги исполни условите, а тоа е наставата да се одвива на еден од службените јазици во Македонија (македонскиот и албанскиот) или на некој од светските јазици (член 24). Секоја новооснована установа за високо образование за да почне со настава треба да добие акредитација од Одборот за акредитација за својата наставна програма. Исполнувањето на условите го следи Државниот инспекторат на МОН – објаснува професорот Спасов за „Слободен печат“.

Двете земји се категорични кога тврдат дека треба да се врати меѓусебната доверба и да се продлабочи соработката во различни области, од економијата до културата, но досега на терен ефектот е мал. Министерката Захариева во интервју за софиски „Труд“ порача дека емоциите во Софија и Скопје треба да се смират за да се најде решение, но и дека резултатот од претстојните избори во Бугарија нема да има ефект на бугарската официјална позиција кон Македонија.

– Мислам дека кога емоциите ќе се смират во Бугарија, а особено во Македонија, и таа ќе почне да размислува и постапува порационално, ќе се види дека Бугарија никогаш не била непријател, туку продолжува да биде искрен пријател. И кога сте искрен пријател, мора да ги посочите проблемите и да барате начин да ги решите – нагласува Захариева.

Според неа, европската перспектива е главен двигател за реформите и за вистинското помирување во регионот, па затоа за Бугарија проширувањето на ЕУ било национален интерес како сосед на земјите од Западен Балкан, но со блокадата кон Македонија не направиле ништо погрешно. Захариева повторува дека најмалку година и пол пред блокадата ги предупредувале македонските политичари дека Договорот за добрососедство не се спроведува и тоа ја поткопало довербата на Бугарија.

– Излезот од сегашната ситуација е во враќањето на довербата и ние работиме во оваа насока и да го надополниме изгубеното време. Постојат многу практични и јасни обврски што двете страни мора да ги прифатат, мора да има јасна определба дека работата на заедничката историска и образовна комисија повеќе нема да престане еднострано. Ние сакаме да видиме заложби, какви и одлуки да се донесат, да не останат само на ниво на одлуки, туку да станат јавни, да влезат во учебниците. Се надевам дека кога ќе се вратиме на нашите заложби, ќе се врати довербата – вели Захариева.

Во врска со проширувањето на ЕУ за време на португалското претседавање, таа вели дека ставот на Лисабон е оти со овој процес не треба да се брза, а таа лично смета дека „нема смисла да се одржува состанок секој месец без да има напредок за прашањата што се на маса“. Захариева потенцира и дека при евентуална смена на власта во Бугарија, Софија нема да отстапи од своите барања, затоа што тие се дел од Рамковната позиција што бугарскиот парламент ја усвоил едногласно, што во Бугарија ретко се случувало.

Бучковски договарал соработка во културата

Специјалниот претставник на Владата Владо Бучковски вели дека во Акцискиот план што е предложен од наша страна се опфатени теми за доизградба на Коридорот 8, како и за соработка во образованието, економијата и културата. Завчера тој во Софија се сретнал со истакнати културни дејци и разговарале на кои начини може да се зголеми културната размена меѓу Бугарија и Македонија. Според информациите, постигната е согласност дека културно-уметничките односи меѓу двете држави треба да се збогатат со конкретни проекти и да се интензивираат средбите меѓу луѓето од уметноста и културата, што ќе придонесе за зголемен  позитивизам во односите на двете држави.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •