јуни 21, 2021

Грција притиска за целосно исполнување на Договорот од Преспа

Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Дендиас на средбата со нашиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, денес во Атина порача дека евроинтеграцијата на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, мора да продолжи и Атина ќе даде техничка поддршка за тоа,  но Македонија од своја страна треба да го исполни целосно, конзистентно и во добра волја Преспанскиот договор.

Според Дендиас, две години по влегувањето во сила на Договорот  има завршено доста работа  во промената на името, но е потребен натамошен напредок. Притоа Дендиас ги спомена стриктната употреба на новото име во јавните институции, па дури и во веб порталите, отстранувањето на програмата за антиквизација и на звездата од Вергина, како и преименување на патиштата и други инфраструктурни објекти. Тој ја спомена соработката на здравствен план со Македонија и договорот со ЕУ за обезбедување на вакцини на земјите што не се членки на Унијата, но не кажа конкретно кога ќе се случи ветената помош од Грција за Македонија. 

Фокус на разговорот меѓу двајцата министри и официјално беше воспоставување на рамката за следните активности на двете држави согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на Договорот од Преспа.Покрај  интензивирањето и унапредувањето на економската соработка, преку поголема соработка на стопанските комори, во делот на инфраструктурата, за меѓу граничните олеснувања на движењето на граѓаните, енергетиката, се разговараше и за понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, за пријателството и добрите односи со соседите, како политики на градење заедничка европска иднина.

„Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата“, истакна Османи.

„Како непосреден сосед кој воедно и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Република Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметаме за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“, рече Османи.

За време на посетата се потпишаа три Меморандуми за разбирање меѓу двете држави за соработка во областа на инвестициите и надворешна трговија меѓу претпријатијата „Грција СА“ и „Инвест Република Македонија“, за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во едукацијата на дипломатите и за соработка во областа на цивилната заштита.

„Особено ме радува што денешната посета ја крунисавме со потпишувањето на три многу важни меморандуми за соработка. Отсекогаш сум велел дека економијата и бизнисот треба да ги предводат нашите односи, наша обврска е преку овие меморандуми, преку политичката соработка, да ги создадеме сите услови за натамошно унапредување на трговската размена, размената во областа на туризмот, инвестициите, како најважна и сигурно нај-опиплива придобивка за граѓаните. Пред нас стојат сериозни инфраструктурни и енергетски проекти: преку изградбата на интерконекторот за пренос на гас, поврзување на земјите преку гасовод, возобновување на постојниот нафтовод, учество во изградбата на гасниот терминал Александрополис, железничкото поврзување, патното поврзување и секако отворањето на новите гранични премини Маркова Нога-Лемос и Мајден-Промахои“, нагласи Османи.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •