мај 16, 2021

Владата ја исплати наградата за репрезентацијата за историскиот пласман на ЕП

Вкупно 43 членови на македонската фудбалска репрезентација ја добија ветената награда од Владата од по 10.000 евра за историскиот пласман на Европското првенство што ќе се одржи ова лето.

Исплатата од 430.000 евра преку Агенцијата за спорт и млади се извршила во последните денови од изминатата година. По 616.950 денари од државниот буџет имало и за портпаролите на националниот тим Фатон Зулбеари и Златко Андоновски, како и за Неритан Рамадани, заменик-комесар за безбедност во ФФМ.

По 10.000 евра имало и за физиотерапевтите Бојан Цаневски, Бојан Силјаноски и Ангеле Милевски, како и за докторите Невзат Јонузи, Борислав Калковалиев и Александар Савески. Наградата ја добиле и секретарот на репрезентацијата Бојан Марковски и директорот Дени Масев. На списокот се нашле и масерот и економот Сашко Стојчевски и Виктор Велевски.

Меѓу најзаслужните сепак се Стефан Спировски, Висар Муслиу, Дарко Велковски, Стефан Ристовски, Дамјан Шишковски, Енис Барди, Егзон Бејтулаи, Столе Димитриевски, Бобан Николов, Егзон Алиоски, Елиф Елмас, Александар Трајковски и Илија Несторовски.

Наградени со истата сума се и Ферхан Хасани, Мартин Богатинов, Кире Ристевски, Иван Тричковски, Крсте Велкоски, Тихомир Костадинов, Даниел Божиновски, Енур Тотре, Кристијан Тошевски, Ѓоко Зајков и Влатко Стојановски.

Една исплата има и за нерезидент, што алудира дека тоа се можеби капитенот  Горан Пандев или Аријан Адеми, кои ги нема во списокот, или пак можно е некој сосема трет, доколку ниту еден од нив не прифатил да ја добие наградата.

„Премијата“ е исплатена и за селекторот Игор Ангеловски-Мрме и членовите на стручен штаб Милан Илиевски, Иван Јовановски, Џенгис Реџепи и Зоран Мицевски.

Претходно Фудбалската федерација на Македонија потврди дека ќе додели награда од 4,2 милиони евра за репрезентацијата од премијата што ја доби од УЕФА.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •