јануари 21, 2021

Студентите мрзнат и греат вода за туширање во „Кузман Јосифовски – Питу“

Единствениот студентски дом во Скопје кој се грее на екстралесно гориво, „Кузман Јосифовски – Питу“, деновиве „функционира“ без греење и топла вода. „Доцни испораката на горивото, проблемот е кај Агенцијата за стокови резерви“, вели директорот Виктор Велевски за Радио Слободна Европа.

Студентите кои престојуваат во државниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје живеат без основни услови за зимскиот период. Оттаму се пожалија дека почнувајќи од 4-ти јануари тие немаат топла вода и греење.

„Неколку студенти сакаме јавно да се пожалиме дека во студентскиот дом Кузман Јосифоски Питу веќе со денови нема топла вода и парно. Температурите надвор се секој ден се пониски а ние остануваме без основните услови за живот. Откако се пожаливме кај управничката добивме два различни одговори – прво дека имало дефект а откако продолживме да инсистираме дека ситуација не е во ред, добивме друг одговор дека проблемот бил во тоа што се менувал директорот. Заклучокот на управничката беше дека „деновиве“ ќе има парно и топла вода. Деновиве – додека ние седиме во ладни соби и не можеме да си обавиме хигиена на овие ладни температури а тие од управата си одат дома на топло“, објасни студентка за РСЕ која престојува таму.

Радијатор во соба во студентскиот дом „Кузман Јосифовски - Питу“ - Скопје
Радијатор во соба во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ – Скопје

Исклучувањето на греењето во овој студентски дом е пракса за време на празниците. Причината е што голем дел од студентите се враќаат во своите родни краеви. Но, греењето се вклучува со самото враќање на студентите.

Меѓута, бидејќи се уште не е вклучено, засега тие се загреваат со грејни тела во своите соби.

„Но, тоа не е ништо ново, бидејќи и во текот на семестарот често немаше парно греење или беше многу слабо, па имавме потреба од дополнителен начин на загревање на собите“, вели студентката.

Студенти греат вода за туширање во студентскиот дом „Кузман Јосифовски - Питу“ - Скопје
Студенти греат вода за туширање во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ – Скопје

Таа објасни дека за да изврши лична хигиена грее вода во тенџере, додавајќи дека другата опција за студентите е да одат кај свои пријатели за да се истушираат.

Виктор Василевски, директор на Студентски дом - Скопје
Виктор Василевски, директор на Студентски дом – Скопје

Директорот на Државен студентски дом – Скопје, Виктор Велевски, кој ја презеде функцијата од декември, изјави дека проблемот е доцнење на испораката на екстра лесно гориво од Агенција за стокови резерви. Тој истакна дека прават напори да се реши проблемот со греењето уште денеска.

„Од нивна страна (Агенција за стокови резерви) е проблемот, односно дефектот. Тие имаат проблем со испораката. Таа требаше да се случи на 11-ти, но се одложи, и не информираа само дека ќе задоцни испораката. Ние, со други институции соработуваме за да се обезбеди гориво за греење, и можно е уште денеска да најдеме решение. Но, и покрај тоа, не би знаел кога ќе биде испораката, заради превозот на горивото, кога ќе стигне и слично. Секако, дека се трудиме што побрзо да биде. Тие (студентите) се иднината на државата и се многу важни“, рече Велевски.

Со овој проблем се соочува само студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, затоа што останатите домови во Скопје се врзани за централното градско греење.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •