април 17, 2021

Бочварски: Секој си одлучува дали ќе патува побрзо по автопат каде се плаќа или по регионален пат

На неговата изјава реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека ова е бесрамно и надмено однесување на министерот

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, тврди дека на сите автопатишта во земјава цените за патарини се исти, а порача и дека граѓаните имаат опција да патуваат и по регионални патишта за да избегнат да плаќаат патарини.

Тој на темата за патарини денеска зборуваше одговарајќи на новинарски прашања откако во јавноста деновиве излегоа најави дека на новиот автопат од Скопје кон Штип тие ќе чинат 160 денари. Во моментов за патување од Скопје кон Штип или обратно, по новиот автопат се плаќа патарина од 40 денари на наплатната рамка кај Миладиновци.

„Се работи за регулатива која е донесена со одлука на Влада. Таа има свој правилник како и колку се наплаќаат патарините. Тоа изнесува 2,57 денари по километар, дали се работи за еден или друг автопат цените на патарините се исти. Дали се возиме кон Велес, Штип, Гевгелија, Тетово или Куманово, цените се исти. Автопатиштата се начин за побрзо и побезбедно движење и заради нивно одржување за тие да траат подолги години, секако е потребно да се плаќаат патарини. Впрочем секаде во Европа и светот се наплаќаат патарини. Секако и граѓаните од источниот регион кои ќе го користат овој автопат имаат и втора можност, да патуваат преку Велес по друг тарифник за наплата на патарините или можат да патуваат по постоечките регионални патишта, каде воопшто нема патарини. Секој граѓанин одлучува дали ќе патува побрзо по автопат каде се плаќа или ќе патува по регионален пат“,

изјави Бочварски.

Министерот вели дека имаме релативно ниски цени во споредна со европските земји каде патарините се многу повисоки, и уверува дека наплатните рамки се потребни за да може да се одржуваат патишта и во зимскиот период кога има снег, но и тековно за поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, за заштитни мрежи итн.

„Секако тоа ја чини државата и треба да се сервисира од страна на граѓаните. Јас верувам дека сите граѓани кога патуваат во странските држави ги плаќаат патарините, така што и ние како држава треба да ги одржуваме нашите патишта и цените на патарините значат поквалитетни патишта за денешните и за идните генерации“,

вели Бочварски.

На неговата изјава реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека ова е бесрамно и надмено однесување на министерот.

„Неспособниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски денес го навреди сопствениот народ. Тој без срам им порача на граѓаните доколку им е скапо да патуваат и да плаќаат патарини на новиот автопат Скопје – Штип нека одат по локални патишта! Ова е бесрамното однесување на власта на Заев опиена од богатството и луксузот во кој живеат“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •