мај 19, 2021

Почина академик Георги Старделов

Вчера, на 90 години, почина Георги Старделов, академик, професор, филозоф, книжевен критичар и еден од најзначајните македонски интелектуалци.

Веста за неговата смрт ја соопшти Македонската академија на науките и уметностите, каде Старделов беше редовен член и поранешен претседател во периодот 2008 – 2011.

Акад. Георги Старделов (Гевгелија, 28 август 1930) е филозоф, естетичар, есеист, литературен критичар и антологичар. Завршил Филозофски факултет на Белградскиот универзитет (1953), а постфилозофски студии минал на повеќе германски универзитети (Минхен, Фрајбург и Франкфурт).

Беше професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1956 – 1996), негов декан (1975 – 1977) и прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977 – 1981). Старделов беше и претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Друштвото на филозофите на Југославија и на Македонија, член на Европската академија на науките и уметностите, а почесен член е на Асоцијацијата на шпанските уметници при Шпанската кралска академија и гостин професор на повеќе европски и американски универзитети.

Старделов има објавено над 20 авторски книги, а неговите дела и трудови се преведени на повеќе странски јазици. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија. Автор е на повеќе од 30 значајни книги од областа на естетиката, историјата на естетиката и есеи, а преведувал и уредил бројни капитални филозофски дела и автори. Ги има постигнато најзначајните резултати на полето на примена на филозофската херменевтика во анализата на книжевните и уметничките феномени.

По повод смртта на академик Георги Старделов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе одржат заедничка Комеморативна седница на 13 јануари (среда), во 10 часот, преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •