април 16, 2021

КОВИД ги „потисна“ другите заразни болести

Експертите велат дека рестриктивните мерки воведени заради пандемијата на корона вирусот ја намалија можноста за ширење други болести. Работата од дома, физичкото растојание и подобрата хигиена на рацете го ограничија ширењето на респираторните и гастроинтестиналните патогени.

Освен КОВИД 19, бројот на заразни болести во Германија е намален за една третина во споредба со претходните години, објави Институтот Роберт Кох (РКИ). Помеѓу март и август 2020 година, имало 140.000 помалку инфекции со други заразни болести, што е за 35% помалку од истите периоди во претходните години. Тоа се болести и патогени микроорганизми, како што се грип, туберкулоза, сифилис, норовируси и варичела. РКИ вели дека причините за ваквото намалување на другите заразни болести се сложени, но дека рестриктивните мерки воведени поради пандемијата несомнено влијаеле на можноста за ширење на други болести. Намалените социјални собири, затворањето на училиштата и градинките, работата од дома, физичкото растојание и подобрата хигиена на рацете го ограничија ширењето на респираторните и гастроинтестиналните патогени. Исто така, има помалку маларија, болест што обично се дијагностицира кај луѓе кои се враќаат од патување. Но, експертите предупредуваат дека бројот на други заразни болести може да се „врати во нормала“ откако ќе заврши пандемијата и ќе се продолжи со дружењето.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •