јануари 27, 2021

БОЛИВУДСКА САГА ВО САД: ДЕМОКРАТИТЕ ЌЕ ПОБАРААТ ОД МАЈК ПЕНС ДА ГО РАЗРЕШИ ТРАМП ПРЕД ДА ГО ПОЧНАТ ПРОЦЕСОТ НА ОТПОВИКУВАЊЕ

Трамп се соочува со обвинение за поттикнување востание за неговата улога во упадот на неговите приврзаници во зградата на Конгресот.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси ги претстави плановите за отстранување на Доналд Трамп од Белата куќа пред почнувањето на процесот на отповикување.

Таму уште денеска би можело да се гласа за резолуција со која ќе се побара од потпретседателот Мајк Пенс да го активира 25. уставен амандман и да го прогласи Трамп за неспособен. Ако овој потег не успее, Демократите и официјално ќе покренат обвинение за поттикнување востание против Трамп за неговата улога во упадот на неговите приврзаници во зградата на Конгресот во средата.

Со активирањето на 25. амандман, Трамп ќе биде отстранет од Белата куќа, а Мајк Пенс ќе стане нов претседател.

„Тоа би бил само прв чекор, по што демократите во Претставничкиот дом ќе ја почнат постапката за отповикување на Трамп. За да ги заштитиме нашите демократија и устав, мора итно да реагираме, затоа што овој претседател претставува закана и за едното и за другото“, кажа Пелоси.

Трамп од петокот не се огласил јавно, откако Твитер му го суспендираше профилот. Двајца републикански сенатори досега го повикаа да поднесе оставка, но нема најави дека неговите сопартијци би гласале против него во Сенатот.

Иако Пенс се дистанцираше од Трамп, најавувајќи дека планира да присуствува на инаугурацијата на Џо Бајден на 20 јануари, нема најави дека тој е подготвен да го активира 25. амандман.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •