јануари 18, 2021

Не може помала етничка заедница да врши насилие врз мнозинскиот македонски народ

Роберт Милески

Не знам дали ДУИ и Алијанса се свесни дека со нивното противење за попис на оние што живеат во Македонија, а не и на оние што се отселиле, фактички го потврдуваат стравот дека Албанците не се 20% од населението на Македонија.

Прво да разбијам една контрадикторна теза на ДУИ. Имено, пратеникот на ДУИ, Арбен Зибери, изјавува “против сме затоа што со отпечаток од прст е невозможно да се попишат граѓаните кои привремено се надвор од државата”. Што значи да си “привремено” надвор од Македонија? Според светски критериуми, тоа се лица кои се не подолго од дванаесет месеци надвор од државата. Сите други кои се подолго од дванаесет месеци надвор, не се повеќе “привремено” надвор од државата, туку ТРАЈНО.

Второ, многу подобро решение е она што го повторувам повеќе години – Македонија мора да им гарантира права на сите нејзини граѓани, без разлика на помал или поголем процент од населението. Според мене, доволно е една етничка група да биде и 1% од населението, за да ги добие своите културни и јазични права. Но, тука има едно големо но! Не може помала етничка заедница да врши насилие врз мнозинскиот македонски народ користејќи фиктивни бројки и одржувајќи ги вештачки!

Еднаш мора да се стави крај на ова однесување! Мора да знаеме колку сме, ви се допаднало тоа или не! Или подобро воопшто не правете попис, ако истиот го правите од политички, а не од статистички причини.

И ако Албанците се навистина под 20%, тогаш самите тие треба да се запрашаат какви политики на ДУИ “придонеле” тие да се евакуираат од Македонија. Дали можеби не е време да се излезе од етничките барања и да побараат од партиите на Албанците да понудат програми за подобар живот, наместо цело време да ги лажат со некакви националистички барања.

Еве како Евростат дефинира што значи да се биде резидент или жител:

Вообичаен престој значи место каде што едно лице нормално го поминува дневниот период на одмор, без оглед на привремено отсуство заради рекреација, празници, посети на пријатели и роднини, деловни активности, медицински третман или верски аџилак. Само следниве лица се сметаат за обично жители на предметната географска област:

Оние кои живееле во нивното место на вообичаено живеалиште за континуиран период од најмалку 12 месеци пред референтното време.


Автор: Роберт Милески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •