декември 1, 2022

ЗА НОВАТА КОНЦЕПЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

По проследената консултативна средба за новата концепција за основно образование, се појавуваат неколку одредени констатации и прашања.
Првата констатација е дека се намалува бројот на часови единствено со намалување на часовите по уметничките предмети. И нормално се поставува прашањето дали ние како нација немаме потреба од уметност? Доколку и немаме вакава потреба тогаш се поставува прашањето дали творците на новата концепција мислат дека нема потреба и од визуелна култура односно до кое ниво сме спремни да ја подигнеме некултурата?
Втората констатација произлегува од тврењето дека се оди кон растеретување на учениците од обемноста на она што треба да го научат? И повторно се поставува прашање дали предметите ликовно образование и музичко образование се предмети со најобемен материјал и дали точно овие предмети предизвикуваат оптретување кај учениците?
Трета констатација е дека идните генерации немаат потреба од визеулна култура и визуелен комуникација. Иако министерката истакна дека сака со новата концепција да се подигне јазичната писменост, најверојатно не знае дека првиот јазик, те начин на комуницирање кој едно дете го учи е визуелниот јазик, дури и пред да почне да зборува, односно визуелизацијата му помага да го развие гласовниот говор. Визуелното изразување е доминантно пред останатите начини на изразување особено во помалата возраст на децата, а како таква останува се до 12 година, кога веќе се наметнуваат и проевладуваат други начини на изразување. Тоа е така затоа што визуелното изразување (цртање, сликање, скулптура…) е поврзано со конкретни поими, а дури во погорните одделенија почнува да се развива и применува апстрактното размислување. Визуелниот јазик и визуелното изразување единствено систематски се изучува и применува во ликовното образование, сите останати предмети ги користат придобивките од она што е научено од ликовното обраование. Како ќе знае да нацрта клетка, лист или цвет (биологија), да го претстави рејлефот во 3Д (географија) или да направи форми од син камен (хемија), како ќе знае да ги организира знаменитостите на Лондон вра површината на хамерот (англиски)…, ако предходно некој на ликовно не го поучил кои се основите на естетиката. Но, очигледно естетиката е ќе биде нешто што ќе остане во минатото. Сите промени кои и досега се воведени во нашиот образовен систем водат кон уништување на едне важен дел од човековото битисување, а тоа е уметноста и естетиката. Ние и во моментов имаме помеѓу младите луѓе еден синдром на турски серии и турбо фолк нација, каде поимите за уметност и убаво се сведени дури и под прагот на шунд, односно кич. Овој развој и влиание врз младите личности не е проблем на убавото, ова е пробем на севкупните вредности. Ако нешто може да се стори во насока на подобрување на оваа состојба е исклучиво преку уметничките предмети – ликовно и музичко образование. Не потребно да се намалат часовите по овие предмети, Потребно е часовите по овие предмети да се зголемат, но да се променат наставните програми кои ќе бидат во склад со потребите на современиот човек и да се понудат содржини кои се современи и интересни за децата.
Единствените предмети во чија дефиниција е креативноста вие се обидувате да ги избришете од основното образовние, а се трудите да не убедите дека саката да промовирате критичко мислење и креативност. Секој ученик кој на часот по ликовно помислил што сака да нацрта на листот хартија веќе почнал критички да размислува, ако ја решил задачата по математика или го применил правилото по граматика, само го репродуцирал начинот на решавање на тој проблем. Критичкото размислување и креативноста не се нешто за што треба да кажеме „сега деца критички ќе размислуваме“, тоа се работи кои се поттикнуваат низ сите дејствија на една личност, а низ ликовното изразување најлесно, најпрецизно и нетенденциозно се влијае врз нив. Намалувањето на часовите по ликовно образование дефинитивно не е во насока на критичко и креативно размислување, сосема обратно. Ќе добиеме генерации кои ќе немаат никаква смисла за естетика. Нема да знаат да направат скица за некаков проект, не ќе знаат да замешаат боја… да ја искомбинираат во нивната облека, не ќе знаат да се облечат, да го уредат својот дом, не ќе знаат да уживаат во убавините на природата…
Со оглед на тоа дека во воедниот дел беше изнесено од министерката дека се направени опсежни анализи за да се дојде до резултатите во новата концепција се поставува прашањето дали воопшто некогаш некој на било каков нашин ги прашал учениците (во чие име го правиме сето ова) кои се предмети кои ги оптеретуваат, а кои се предмети кои не го прават тоа?
Дали опсежните анализи требаа да бидат достапни пред да се даде концепцијата на јавна расправа?
Дали текстот на „Концепцијата“ е јавно достапен? Од тоа што го видовме само ни беше образложена и даден идејниот наставен план…
Уште нешто околу опсежните анализи кои се споменуваат. Која е опсежната анализа што ја споменува министерката, бидејќи на консултативната средба беше прикажана само една анкета спроведена помеѓу, нешто повеќе од 4000 наставници, што претпоставувам не ниту 1/5 од вкупниот број на наставници. Анкетата е со понудени одговори и никаде не побарано образложени на одговорот. Од анкетата може да се заклучи единствено дека наставниците сакаат промени во образовниот систем, но во која насока би се движеле овие промени ниту еден од одговорите тоа не го покажува. Сигурно е дека ние наставниците сакаме промени, но сакаме квалитетни промени, а ова што го нуди новата концепцеија е далеку од квалитет. Зошто не е направена ниту една студија какви ќе бидат резултатите од намалувањето на часовите по ликовно обр. или што ќе се случи по спојувањето на природните науки и општествените науки. Интегрираноста на образованието би требало да се огледа низ поврзаноста на наставните планови и содржини кои се изучуваат по одредени предмети, а не во незнаењето што точно се изучува. Потребно е интеграција на група на предмети, нивно синхронизирање во изучувањето на поврзани теми, но не и нивно спојување. Интегрираното образование не подразбира какафонија, но за да го разберете зборот какафонија би морале да имате ликовно образование. Исто така, зошто не се направени споредби со образовни системи кои се поразвиени од нашиот систем, со курикулумите кои се употребуваат кај нив. Се споменува во повеќе наврати финскиот образовен систем, од информацците кои се достапни на интернет во овој систем просторот кој е отстапен на уметностите е многу поголем од она што е планирано во новата концепцијата. Дали можеби консултиравте некои други земји кои го вовеле финскиот систем на образование или пак дали нешто што е прилагодено за скандинавски менталитет би одговарало на нашиот менталитет. Но, за да го знаете ова треба да сте учеле геогрфија за да разберете како геоусловите влијаат на развојот на личноста, а исто така и историја за да го разберте влијанието на минатот врз колективната свест. По се изгледа некому предметите ликовно, музичко, историја и географија не му биле омилени предмети.
И како за крај доколку не е потребно ликовно образование тогаш зошто во презентацијата на самата концепција беа вметнати фини, интересни и ненаметливи сликички кои ја разубавуват позадината, доволни да го одвлечат вниманието од содржината?

Автор: Марија Николоска Наневска

Сподели