јануари 17, 2021

И “државната цицка” пресушува

Стефчо Негриески

Епидемијата во Македонија промени сè освен една работа – оние што живеат на државна “цицка” не се допираат, а оние што го полнат се вонзнемируваат и малтретираат за ситници. Овој топол однос на државата кон државниот и јавниот сектор од една страна и маќеанскиот однос кон приватниот сектор од друга страна, е очигледно нешто што не може да биде променето ниту со криза како пандемијата, криза каква што се гледа еднаш во 100 години. За почеток, треба да ве потсетам дека и покрај длабоката рецесија која неодамна беше официјално потврдена и од страна на официјалната статистика (-12,7 % во вториот квартал), а која најверојатно можеше да се претпостави уште во март кога започна првата блокада, државниот и јавниот сектор поминаа неповредени, барем во однос на намалување на платите и отпуштањата. Напротив!

Јавниот сектор е со исти плати иако многу од вработените работат преку еден ден. Ним не смее прашинка да им падне ни на реверот. Јавните набавки си продолжија со несмалено темпо. За сите тие “ухлебени” партиски војничиња треба да се обезбедат греење, телефони, интернет, службени возила и што уште не. Покрај ова, загрижува и податокот дека скоро и да нема ден, а Агенцијата за администрација да не објави оглас за нови вработувања во јавната администрација, плус, како во примерот со вработувањата во школството во Гевгелија, се оди по скратените постапки од Законот за работни односи. За договори за дело и да не зборуваме. Еве за десеттина дена ќе поминат стоте дена од Владата, а министерот за информатичко општество и администрација под чии ингеренции е цела јавна администрација, никаде го нема. Тој ретко и се слика, за разлика од другите негови колеги.

За разлика од државниот… во приватниот сектор реалноста е затворени компании, отпуштања и намалување на плати. Во приватниот сектор, кој властите го гледаат скоро исклучиво како средство за полнење на буџетот, работата е “умри машки”. Имено, Македонија сега е во вториот бран на пандемијата, и иако рестриктивните мерки се нешто поблаги од првиот, сепак економијата сè уште е заклучена во голем дел. Само за потсетување, забранета е работа на кафулиња и ресторани после 21 часот, а работата на многу други мали бизниси е значително отежнета. Рестораните за веселби воопшто не работат од март. Целиот сектор за туризам и угостителство е девастиран. И покрај владините мерки за враќање на дел од трошоците за минимална плата, јасно е дека компаниите на кои им е забрането или строго ограничено работењето, тешко можат да преживеат или да работат како во времето пред епидемијата. Ги има, јавно, претежно тоа се министрите и премиерот, такви што тврдат дека јавниот сектор исто така го полни буџетот, но оваа теза е толку математички сомнителна што најдобро ја објаснува следнаво прашање. Дали јавниот сектор плаќа данок? Да, но од чии пари плаќа? Последниве месеци имавме можност да бидеме сведоци како државата, и покрај заклетвата за „партнерство“ со претприемачите, го третира приватниот сектор како вреќа за удирање од која паѓаат пари по секој удар. Подолу се само неколку примери.

Пред некој ден еден пријател, инаку сопственик на две маалски гранапчиња, ми раскажа бизарна приказна дека бил казнет за неносење маска во сопствениот дуќан иако во моментот кога влегле инспекторите немал муштерии?! Зона на самракот!!

Еден другар, којшто работи во градежна фирма на друг заеднички другар и вози камион, ми раскажа дека бил казнет за неносење маска на работно место, иако во камионот се возел сам. Што повеќе да се додаде на ова?

Пријатели коишто водат мали семејни компании, исто така ми раскажуваат дека инспекторите се како “пуштени кучиња од ланец” во делот на издавањето на фискални сметки. Апел до властите, а посебно до директорката на УЈП, да почнат засилена контрола на големите производители и увозници заради сузбивање на сивата економија. Таа започнува кај нив. Ако големите продаваат стоки без фактура, како може малите да го регистрираат прометот кога немаат влез. Ама големите во оваа држава се недопирливи!!

Видете ја само реализацијата на неколкуте пакети мерки на Владата за помош на приватниот сектор. Во првите 3 сета мерки пред изборите, беа предвидени преку 500 милиони евра за помош на погодените од кризата, бизниси и граѓани. Немаме точна претстава колку од тие се реализирани заради целосната нетранспарентност на Владата во управувањето со јавните финансии (пример финансии сè уште го нема објавено вториот ребаланс на буџетот на својата веб страница), но од она што може да се види од извршувањето на буџетот, но и од разговорите со бизнисмените, од нив исплатени се само нешто над 200 милиони. Замислете, Бесими во октомври, успеа дури и да направи суфицит во буџетот. Наплаќа сè, ама ништо не сака да исплати. Од околу 1,2 милијарди евра долг од март навака, државата реално потроши само околу 300 милиони евра за помош на реалниот сектор. Остатокот го потроши за сопствено луксузирање.

Последно, каква само дебата се разви за неработната недела. Па цела армија министри секој ден држат прес конференции, божем којзнае каква реформа ќе спроведат. Демек малце се оштетени претприемачите со разноразни ограничувања, и со ненавремена исплата на ветената помош, па сега треба уште и дополнително да се оптоварат?! Чуму вакви ограничувања? Зошто државата е секогаш расположена да го пика носот кај претприемачите, а да не се интересира што се случува во нејзината куќа. Законот за работни односи предвидел сè, од тоа колку може да трае работната недела и прекувремената работа, па до тоа колку треба да се плати истата. Значи државо моја, оставете ги претприемачите да работат и да го полнат буџетот, оние што сакаат и се чувствуваат способни и 24/7. Вие само треба да надгледувате дали се спроведува законот кој што сами сте го изгласале и домаќински да управувате со средствата кои сте ги прибрале од даноци.

Време е државата да прогласи полициски час за вработување во јавната администрација и да почне конечно да крати кај себе. Сите вработени во јавниот сектор треба да сфатат дека земањето плата во државниот сектор, но и поткраднувањето на државата, е во суштина земање кредит само преку посредник – Владата. Ако не верувате во ова видете го долгот на државата.

Време е сите заедно да го понесеме товарот на кризата. Денеска војните се водат преку финансиско исцрпување на сиромашните држави. Прва лекција на студентите по економија е дека во “економијата нема бесплатен ручек”. Една власт во нормални демократски држави се оценува токму преку управувањето со јавните финансии. А, кај нас е јавашлук, па оценката би била 0. Доколку веднаш не го сфатиме ова, лоши се прогнозите и на политички план. Не би сакал да ве разочарам, но и државната цицка, сепак пресушува!!!

Заборавете на розевите приказни дека утре ЕУ ќе ни ги избрише долговите. Време е за одговорни политичари и стегање на ременот, Но, и засукување на ракавите и напорна работа, некогаш и од љубов. Не е лесно да се изгради држава. Да не дозволиме на крај да бидеме финансиски робови во сопствената држава?!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •