јануари 15, 2021

Иванов продолжува со организација на школата за млади лидери, овојпат он – лајн

Денес, започна 11. Школа за млади лидери на поранешниот Претседател Иванов, која по прв пат се организира онлајн. Единаесеттата Школа за млади лидери ќе се одржи во текот на овој и следните два викенди во декември на темата „Лидерството во услови на глобални кризи“.
 
Оваа година, околу четириесет учесници и дваесетина предавачи од Македонија и од странство ќе бидат дел од 11-тата Школа за млади лидери која се одржува на платформата Zoom.
 
На свеченото отворање на Школата, покрај претседателот Иванов, своја порака до учесниците испратија Премиерот на Република Словенија, Јанез Јанша, и поранешниот Претседател на Чешка Република 2003-2013, Вацлав Клаус, а свое предавање одржа и проф. д-р Исмаил Серагелдин, основач и директор на новата Александриска библиотека во Александрија.
 
Претседателот Иванов во своето обраќање до учесниците порача дека лидери се тие што ја преземаат иницијатива и одговорност во време на кризи. Истакна дека покрај ковид кризата, светот се соочува со повеќе кризи како што се финансиска, здравствена, хуманитарна, еколошка, криза на ресурси и др. Сепак, нагласи дека во ковид кризата излезе на површина што е потребно да се биде глобален лидер. Се осврна и на успешното справување во Република Македонија со мигрантската криза како позитивен пример на менаџирање во криза. Исто така, ги нагласи особеностите на женското лидерство низ успешни примери.
 
Словенечкиот премиер Јанша поздравувајќи ги учесниците на Школата нагласи дека добрите лидери стануваат уште подобри кога и ако бидат предизвикани. „Можете да го издржите предизвикот само ако сте самоуверени. Оваа внатрешна сила не е можна без да се познавате себеси, вашите корени, вредности, таленти и можности. Предизвиците го обликуваат карактерот, а карактерот развива мудрост и идеи кои се неопходни за лидер”, рече премиерот Јанша. Тој нагласи дека лидери можат да бидат тие кои не се фиксирани на политичка позиција, но имаат визија, што повлекува дека се свесни за тоа што е императив и каде може да направат компромис.
 
Поранешниот чешки Претседател Клаус, се осврна на прекумерните активности на властите и злоупотребата на епидемијата на Ковид од страна на медиумите кои шират страв низ целиот свет, кое што резултира со хипотезата на социјална дистанца. Претседателот Клаус рече, „сметам дека тоа е опасен чекор кон забрзување на фрагментацијата и атомизацијата на човечкото општество, кон победата на експерто-кратијата во нашите земји и кон видливата и непобитна загуба на нашите слободи.“ Тој го спореди кажаното со тоа на што помладите генерации не се сеќаваат – комунизмот и отсуството на слободи во тој период – што им наметнува континуирана обврска на постарите генерации на лидери да даваат постојани предупредувања за тоа. „Постои силна коалиција на идеи и на интереси во денешниот свет и постои силна мотивација за злоупотреба на ковид пандемијата за реализација на нивниот план за креирање на „нов храбар свет“, објаснето во многу дистописки дела. Идните лидери треба да бидат подготвени за таков свет.“ За Македонија рече дека треба да го најде нејзиниот modus vivendi во Европа и посебно во или најмалку со ЕУ, што не е лесна задача. Претседателот Клаус потсети и на неговиот познат став, дека ЕУ изгледа подобро однадвор, отколку одвнатре.
 
Д-р Исмаил Серагелдин во предавањето за младите учесници се осврна на преобликувањето на светскиот поредок и низ теоретски и филозофски пристап го посочи незапирливиот технолошки развој и неговата улога во создавањето на новиот свет. Според него, вистинските лидери треба да ја избегнуваат стапицата на лажните вести и злоупотребата на информациите кои денеска ни се подостапни од кога и да е. Според него, вистинскиот лидер секогаш треба да ја зборува вистината. Поддржувајќи ја инцијативата на Претседателот Иванов и заблагодарувајќи се за повторната можност да ги сподели своите сознанија со овогодинешните млади лидери, д-р Серагелдин истакна дека од голема важност е да го разбереме минатото, да се насочиме кон сегашноста и да создадеме визија за иднината, следејќи ги сопствените вредности.

Меѓу предавачите годинава ќе бидат и Сани Шенер, главен извршен директор и Претседател на „ТАВ аеродроми“; Макс Сонг, специјалист за податоци и градење на инвестициски можности; Данит Гал од Леверхулм Центарот за иднина на разузнавањето на Универзитетот во Кембриџ; Кордел Картер, Извршен директор на програмата Сократ на Институтот Аспен; Рза Алијев, Менаџер за развој и имплементација на политики, Бритиш Петролеум; г-ѓа Симона Чаминска, Глобална недела на претприемништвото во Македонија; Даниела Арсовска, Претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија; Амани Бен Лахдар од компанијата за виртуелна едукација Солија, а две онлајн активности на учесниците ќе бидат организирани од компанијата за деловна едукација, за менаџмент консалтинг, образование и обука „Мотива“.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •