јануари 16, 2021

Холандската амбасада во Скопје демантира: Лажна вест е дека го поддржуваме ветото на Бугарија

Холандија сметаше и сѐ уште смета дека Република Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом ќе се усвои преговарачката рамка, се вели во реакцијата од холандската амбасада во Скопје
Известувањата во некои медиуми дека Холандија ѝ дала поддршка на Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со ЕУ се целосно неосновани и лажни вести, реагираа од холандската амбасада во Скопје.

„На 30 октомври 2020 година, владата на Холандија го информира холандскиот парламент за својата одлука дека првата меѓувладина конференција за Република Македонија може да се одржи. Овој став останува, се разбира, непроменет. Холандија сметаше и сѐ уште смета дека Република Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом ќе се усвои преговарачката рамка“, се вели во соопштението на амбасадата.

Претходно, бугарскиот весник „24 часа“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, јави дека Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето за Република Македонија.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •