јануари 26, 2021

И Данска не го поддржува ветото на Бугарија за пристапни преговори на Република Македонија со ЕУ

Министерство за надворешни работи на Данска ги демантира вестите дека го поддржува ветото на Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, велат од данското Министерство за сдк.мк.

„Информациите објавени во бугарските медиуми кои укажуваат на тоа дека Данска се приклучила кон ветото на Бугарија за пристапните преговорите на Република Македонија во ЕУ не се точни. Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската Комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Република Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки. Данска, дополнително, ја поддржува европската перспектива на сите земји на Западен Балкан. Во овој поглед, Данска го поддржува почетокот на пристапните преговори со Албанија и со Република Македонија, откако ќе бидат исполнети условите утврдени од Советот за општи работи во март 2020 година“, велат за сдк.мк од Министерството за надворешни работи на Данска.

Претходно денеска, и Холандската амбасада во Скопје ја демантираше веста која претпладнево ја објави бугарскиот весник „24 Часа“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори од Брисел, дека Данска и Холандија го поддржуваат ветото на Бугарија. „24 Часа“ го цитираше и фејсбук статусот на обвинетиот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој, исто така, се повика на неименувани дипломатски извори во Брисел, тврдејќи дека две земји членки на ЕУ ја поддржуваат Софија. Потоа, веста беше преземена од десетици македонски медиуми и излезе ударно на агрегаторите за вести.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •